Вакцинирајте се, бројот на заболени допрва ќе расте

Пикот на грип кон крајот на јануари кон февруари

349

Изминатата недела според Институтот за јавно здравје, во земјава се регистрирани 56 случаи на заболени од грип, што претставува намалување од 32,5 отсто во споредба со претходната недела, соопштија епидемиолозите. Споредено со минатата сезона, од ИЈЗ велат дека во истиот период лани биле регистрирани 42 заболени лица, што е зголемување од 33,3 отсто. Најмногу заболени се регистрирани во Гостивар – 20, во Куманово – 15 лица, Прилеп – 7, во Тетово и во Радовиш каде имало по петмина. Најголем дел од заболените, 48 лица, припаѓаат на возрасната група од 15 до 64 години или во категоријата на активно население. Вкупниот број на случаи на грип за сезоната 2025/2026 изнесува 244 или се бележи зголемување на бројот на заболени од грип за 64,9 проценти во споредба со истиот период од минатата сезона и регистрира зголемување од 21,9 отсто во однос на просекот од последните 15 сезони, анализират ИЈЗ.

Од Институтот велат дека се потготвени со реагенси и луѓето може да се тестираат паралелно и за грип и за Ковид-19. Нагласија дека е рано да се каже каква ќе биде состојбата со заболени од грип оваа сезона.

-Се уште е рано да кажуваме како ќе се движи сезоната бидејќи ова е сепак почеток, четврта недела откако го следиме грипот – на групни пријави за грип. Пикот на самиот грип е некаде кон крајот на јануари, почетокот до средината на месец февруари. Така што во текот на сезоната ќе расте бројот на заболени, изјави доктор Драган Кочински, епидемиолог, раководител на Одделот за епидемиологија во ИЈЗ.

Од ИЈЗ потсетија дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на ризичните групи – согласно препораките на СЗО: постарите лица – над 65 години, деца на возраст од 6-59 месеци, лица постари од 6 месеци со хронични болести, бремени жени, здравствени работници.

-Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 31.289 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини, додадоа од ИЈЗ. На новинарско прашање дали годинава како и во изминатите години има слаб интерес кај бремените жени за вакцинација, Кочински изјави дека засега тие податоци не ги добиваат од Управата за електронско здравство по ранливи категории, добивале само вкупни бројки.

-Стандардно, интересот е низок. Но, секоја година, така и оваа, ги повикуваме да се пријават на вакцинација.мк и да се вакцинираат против сезонски грип, реле доктор Кочински и потсети дека Ковид-19 е се уште присутен како болест.

-Овој период е намален бројот на лица со Ковид-19, можно е да се имаат двете болести во ист период. Во секој случај, најдобро е да се јават на матичен лекар, на инфектолог и да се следи нивната состојба, апелира Кочински . На новинарско прашање, одговори дека здравствено ранливите категории, кога одат во здравствени установи и во установи за колективно сместување, немаат штета од носење заштитни маски како превентива, посебно во овој период од годината, во сезона на грип.

 

 

ИЗДВОЕНИ