четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Вајц гледа прозорец на можности, Македонија чека отворени врати

Вајц гледа прозорец на можности, Македонија чека отворени врати

Европратениците јасно порачаа дека патот на Македонија кон Европската унија не може да продолжи без клучните уставни измени, но исто така Брисел мора да преземе поголема одговорност за забавените преговори. На расправата во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент по извештајот на Томас Вајц, повеќе европратеници нагласија дека застојот во евроинтеграцијата не е само одговорност на Скопје, туку и резултат на недоволно активна поддршка од ЕУ, која треба да обезбеди стабилизирачка улога и кредибилна перспектива за членство

147

Уставните измени клучни за патот кон ЕУ, европратениците бараат поголем ангажман на Брисел

​Има отворен прозорец на можности на патот на земјава кон Европската унија, смета известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, кој денеска го презентираше извештајот за напредокот на Македонија пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ). Вајц соето излагање го започна со позитивните аспекти – посочувајќи го напредокот во изградбата на коридорите 8 и 10,  усогласувањето на земјава со надворешната и безбедносна политика на ЕУ,  константната поддршка на Украина, како и влегувањето во СЕПА, за кое рече дека македонските граѓани имаат реален бенефит. Вајц, како и повеќето други европратеници посочи дека Уставните измени остануваат клучни за откочување на преговорите на Македонија со ЕУ, но одговорноста за застојот ја лоцираа и во Брисел и порачаа дека ЕУ треба да биде стабилизирачки фактор и да не дозволува повеќе различни малцинства да ја користат слабата позиција на земјата. Вајц порача и дека е потребно зголемување на напорите за исполнување на роковите до јуни годинава.

– Потребни се многу напори од многу страни, многу раце што ќе помагаат  за земјата да тргне напред. Во однос на уставните измени – многу е јасно дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од нашето европско законодавство и, следствено, дел од преговарачката рамка и заклучоците на Советот. Затоа постои потреба ова барање да се исполни со внесување дополнителни малцинства, односно заедници кои се присутни во земјата, во Уставот. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата, каде што инклузијата и споделувањето на власта меѓу различни етнички групи – мнозинство и малцинства – се клучна компонента, рече Вајц и додаде дека политичката волја на македонската влада е клучна за спроведување на овие промени.

Поучен од лани, по минатогодишните жестоки критики од бугарските европратеници, Вајц годинава презентираше пократка верзија на извештајот. Тој предупреди дека владеењето на правото останува предизвик и рече дека има итна потреба од странски инвестиции, особено во енергетската транзиција и обновливите извори на енергија, истакнувајќи дека правната сигурност е клучна за привлекување инвеститори. Во областа на животната средина, тој посочи напредок во управувањето со отпадот, но и сериозни предизвици во третманот на отпадните води.

-Оваа година е прогласена за година на реформите и потребно е масивно забрзување на напорите до јуни за да не се ризикува губење на околу 47 милиони евра буџетска поддршка, рече Вајц.

Другите европратеници ја поддржаа европската перспектива на Македонија, но нагласија дека без уставни измени и спроведување на реформите за владеење на правото, процесот нема да се одвива. Португалскиот европратеник Антонио Тангер Кореа рече дека граѓаните на Македонија се изморени од долгото чекање за членство и дека ЕУ треба да делува како стабилизирачки фактор, наместо да дозволува различните малцинства и кревката позиција на земјата да се користат како изговор за застој.

-Тие прават што можат. Тие исто така го реформираа и уставот досега и сменија закони. Треба да го задржиме регионот на патот на соработка и стабилност, бидејќи тоа е во интерес на ЕУ, рече Кореа и потсети дека Македонија го заврши скринингот пред повеќе од две години.

Словенечкиот европратеник Матеј Тонин исто така истакна дека Македонија дефинитивно припаѓа на ЕУ, но реформскиот момент бара политичка одлучност околу уставните измени.

– Кога разговарате со луѓето таму, веднаш забележувате дека се исцрпени од чекање. Знаете што значи цели 20 години да чекаат членство во Унијата и да останат трпеливи?! Северна Македонија е стратешки важна за Европа од повеќе причини: безбедноста, балканската мигрантска маршрута минува низ оваа земја, коридорите се важни… Го споредив нацрт-извештајот од лани со годинешниот и сфатив дека сегашниот е многу пократок и тоа ме радува. Ова е огромна можност за Македонија и се надевам дека ќе биде искористена, изјави Тонин.

Холандскиот европратеник Тиј Реутен нагласи дека граѓаните се уморни и дека без јасна европска перспектива и поддршка од Европскиот совет, процесот останува блокиран. Тој додаде дека причините за застојот се и во Европскиот совет, кој не обезбедил кредибилна перспектива.

– Советот мора да проработи на тоа. Оваа ситуација не ѝ одговара ни на Македонија ни на Европа. Македонците се исцрпени од чекање и копнеат за напредок. Владата и политичките сили во Македонија не се здружија во интерес на македонскиот народ. Сегашната Влада има голема одговорност поради тоа, рече тој.

Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев оцени дека неизвршувањето на уставните измени е доказ за недостиг на политичка волја и стратешка визија. Тој обвини дека изјавите на премиерот Мицкоски го загрозуваале европскиот пат на земјава и го поткопувале духот на добрососедството. Валчев рече дека македонските граѓани се уморни од евроинтеграцијата, „но политичката елита не е“.

-Македонија заслужува да биде членка на ЕУ, но не по секоја цена. Партиите на власт продолжуваат да бараат надворешен непријател за да ги прикријат внатрешните проблеми, а јавните изјави на премиерот често ја засилуваат конфронтацијата – и кон опозицијата, и кон медиумите, и кон соседните земји, и кон самата ЕУ, рече Валчев.

Претставниците на Европската комисија и на Европскиот совет ги поздравија владините иницијативи, вклучувајќи го Патоказот за јавната администрација, Акцискиот план за малцинствата, новите закони за обвинителствата и најавите за измена на изборниот и кривичниот закон. Сепак, тие нагласија дека клучот за напредок лежи во спроведувањето на уставните измени и реформите за владеење на правото. (В.С.Н.)

 

Мицкоски: За ЕУ нема да водиме мекотелна политика

За ЕУ ние нема да водиме мекотелна политика, сто пати ви кажав, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на прашање од лидерот на СДСМ и пратеник Венко Филипче на вчерашната собраниска седница. Мицкоски му порача на Филипче дека е мекото ткиво на македонскиот национален идентитет.

– Нема да водиме мекотелна политика. Вие сте мекото ткиво и се додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија кои што ќе знаат дека има меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете ништо со тоа да постигнете. Ќе останете запаметен во историјата како човекот кој што бил мекото ткиво и партијата која што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа.  Знаете што значи да останете запаметен во историјата од Охрид сте, знаете кој ги предавал и како ги предавал моштите, рече Мицкоски.

Филипче, претходно при поставување на прашања до премиерот наведе – Што да се каже за европската интеграција? Јасно и гласно кажавте дека чекор напред земјава нема да направи.

ИЗДВОЕНИ