В ПЕТОК НОВИТЕ РЕШЕНИЈА ЌЕ СЕ СТАВАТ НА УВИД НА ЈАВНОСТА: Главниот филтер за помилувањата е во вила Водно

Тие ќе вршат проверки за тоа дали некој заслужува да му се намали казната, а ние како органи, ќе им помагме во однос на тоа – ни изјави вчера министерот за правда, Игор Филков.

191

Комисијата за помилувања во рамките на Кабинетот на претседателот на државата ќе биде главен филтер кој ќе дава мислења по молбите за помилувањата, а за кои конечен збор ќе има шефот на државата. Ова е една од новините содржани во новиот закон за помилување, кој Министерството за правда в петок ќе го стави на увид на јавноста преку системот ЕНЕР. Со тоа, стручната јавност ќе може да даде свои забелешки за предложените решенија кои се однесуваат на процедурите за решавање на барањата на осудениците за намалување на казните. Освен ова, новина во предложените законски решенија ќе биде предлогот претседателот на државата да не може да дава аболиција. Односно, помилувањето ќе може да се даде само врз основа на правосилна осудителна пресуда.

Министерот за правда, Игор Филков, на денешната неформална средба со новинарите рече дека решиле да предложат таков концепт на помилувањата со цел да се избегне двојството во решавањето по барањата на осудениците. Досега, Министерството за правда се изјаснуваше дали молбите да бидат прифатени или не, а потоа таков предмет се праќаше до Комисијата кај шефот на државата која, пак, заземаше став кој го предлагаше на претседателот.

– Надлежна за изјаснувањето по молбите за помилување на осудениците сега ќе биде Комисијата кај шефот на државата. Таа ќе врши проверки за тоа дали некој заслужува да му се намали казната, а ние како органи ќе им помагаме во однос на тоа – ни објасни вчера Филков.

Актуелниот состав на оваа Комисија е формиран кон крајот на минатата година, а на нејзиното чело е Милка Ристова, поранешен врховен судија.

Од друга страна, министерот за правда ни рече дека тие веќе го завршиле новиот Кривичен законик и дека може да се очекува тој да тргне во процедура на усвојување во текот на јануари – февруари. На денешната седница Владата го усвои предлогот на законот за Јавно обвинителство, изготвен од Министерството за правда кој претходно добил позитивна оценка од Венецијанската комисија. Во него е предвидена постапката за избор на јавниот републички обвинител, при што сите кандидати ќе мора да испратат биографија и програма која јавно се објавува на веб-страницата на Министерството.

– Друга суштинска промена е промената во однос на оценувањето на сите јавни обвинители кое, за разлика од претходниот закон, каде се предвидуваше оценување на четири години и разрешување по три последователни негативни оценки и оценување, предвидува на секои три години редовно оценување на обвинителите и доколку обвинителот добие негативна оценка, по една година има вонредно оценување и доколку добие негативна оценка, тогаш тоа е основ за негово разрешување – објаснија од Министерството.

Ресорното министерство очекува во следниот период на дневен ред во Владата да се најде и Законот за Совет на јавните обвинители. Во однос на финансиите се воведува и нов механизам за обезбедување на исплатата на 0,4 проценти од буџетот. Во реформскиот сет закони од ресорното министерство ги најавуваат и Законот за пробација, за извршување на санкциите и за здруженија со кои се предвидени клучни измени.

Од овој ресор брифираа и околу подготвувањето на новиот Изборен законик при што е испратен допис до Собранието, до парламентарните партии и до независните групи и пратеници да номинираат по двајца претставници за работната група за Изборниот законик. Очекувањата и од Министерството за правда и од Собранието се дека тие би почнале со работа во втората половина на јануари. Министерството за правда веќе изработило една верзија на промените при што се вградени барањата на ОБСЕ/ОДИХР. Но, во верзијата нема предлог за промена на изборниот модел со евентуално воведување на една изборна единица туку тоа прашање се остава за договор меѓу партиите. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ