В недела ќе биде осветена црквата „Свети Константин и Елена“ на улицата „Македонија“

38

По 13 години, завршува изградбата на црквата „Свети Константин и Елена“ во срцето на градот. Од Македонската православна црква (МПЦ) најавуваат дека осветувањето на црквата ќе биде в недела, со почеток во 8:30 часот.

– По повод осветувањето на храмот посветен на светите цар Константин и царица Елена, со особена радост ве покануваме да земете литургиско учество во овој свечен и бележит настан – порачуваат од МПЦ.

Осветувањето ќе го изврши Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, во сослужение со бројни архијереи од нашата света Црква.

– Поканети се државниот врв, дипломатскиот кор, стопанствениците, претставниците на локалната самоуправа, медиумите, како и сите верници што сакаат да присуствуваат на овој торжествен чин – соопштија од Скопската епархија на МПЦ.

Изградбата на црквата „Свети Констатин и Елена“ започна во 2012 година, на централната градска улица „Македонија“, а на почетокот на изградбата присуствуваше и тогашниот премиер, Никола Груевски. Првично, пари за изградба на црквата се собираа на донаторски конференции. Инвеститори се МПЦ-ОА и Фондацијата „Свети цар Константин“, која беше формирана од МПЦ за изградба на црквата. Донираа политичари, бизнисмени, владици. Но, поради тешкотии околу финансирањето, храмот се градеше цели 13 години.

Македонската православна црква, пред неколку години, повика општествено одговорните личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект во центарот на главниот град.

Оттаму велат дека има многу луѓе што помогнале да се доврши изградбата на овој православен храм, меѓу кои и познати бизнисмени. Информираат дека еден од нив е Кочо Анѓушев.

Тој со лична донација, како и преку поддршка од компаниите во негова сопственост, веќе втора година го финансира изработувањето на фреските и на целокупниот фрескоживопис во храмот. Ангажманот следува по јавниот повик од Македонската православна црква – ОА упатен пред две години, со кој беа повикани општествено одговорните личности да придонесат за довршување на овој значаен духовен и културен објект.

Во 2013 година, имаше насилни протести пред Општина Центар, организирани од фантомска организација, со цел да се спречи наводно уривање на црквата од тогашниот градоначалник, Андреј Жерновски. За протестите имаше долго судење, кое заврши во септември 2020 година, со затворска казна од една и пол година за Груевски, како нарачувач на насилствата.

Компанијата „Бетон“ ја градеше црквата. Приватната болница „Ремедика“ го презеде останатиот долг на МПЦ и на Фондацијата „Свети цар Константин“ од околу 3,5 милиони евра за да работи подобро, без милионскиот долг за изградба на црквата.

Автори на новоосветениот православен храм „Свети цар Константин и Елена“ во Скопје се архитектите Искра Лековска и Владимир Лековски од архитектонското студио „ЛЕЛЕЛЕЛЕ“. Во 2008 година, тие победија на меѓународен конкурс за идејно решение, распишан од Министерството за култура на Република Македонија, по што во наредните две години ги изработија основниот и изведбениот проект.

Зачетник на идејата за возобновување на црквата „Свети Константин и Елена“, која била урната по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година и се наоѓала во центарот на градот, беше епископот антаниски, Партениј. Оваа идеја ја пренесе преку своите духовни чеда од кабинетот на тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, кој на драга волја ја прифати и му ја предложи на тогашниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски. Со голема радост и желба во Скопје да се направи најубавиот православен храм на Балканот, тој ја прифати и го започна процесот на изградба.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ