Со доаѓањето на февруари, во повеќе македонски градови повторно се актуализира празникот Прочка – традиционален православен обичај што ги најавува велигденскиот пост и времето на меѓусебно простување. Овој ден, кој секогаш се празнува во недела, пред Чист понеделник, има богата симболика и низа обичаи, кои одат од духовно барање прошка до живописни маскирани карневали.

Прочка или Велики поклади е знак за почеток на седумнеделниот велигденски пост. Според традицијата, на овој ден помладите бараат прошка од постарите за навредите или за грешките што, можеби, ги направиле во текот на годината, а одговорот го добиваат со зборовите „простено да ти е од мене и од Бога“. Овој обред на простување има длабока христијанска суштина и симболизира духовно прочистување пред почетокот на постот.

На Прочка постојат и некои повесели и живи обичаи, како што е амкањето јајца, игра во која се обидува да се гризне варено јајце закачено на конец, кое значи здравје и радост. Овој ритуал, заедно со богатиот празничен ручек, ја дополнува празничната атмосфера.

Оваа година, традиционалните карневалски веселби се особено нагласени во Прилеп, каде што од денеска до понеделник ќе има богата програма на „Прочка 2026“. Настаните започнаа со изложба на рачно изработените традиционални и современи маски, со доделување признанија и со детски карневалски поворки. За в недела е планирана меѓународна карневалска поворка со маски, настапи на жонглери, кловнови и куклари, која ќе го оживее центарот на градот со боја, музика и веселба. Карневалските активности ќе завршат со одбележувањето Чист понеделник и со традиционалниот заеднички ручек.

Карневалот „Прочка“ во Прилеп е дел од долгогодишната традиција на дефилеа со маски, со меѓународно учество и со богата културна програма, која привлекува посетители од целиот регион. Маските, сцените и звуците што ги носат „мечкарите“ и другите карневалски групи симболизираат не само забава туку го застапуваат и вековното верување за прочистување и за нов почеток.

Еден од најзначајните карневалски настани поврзани со Прочка е Струмичкиот карневал, кој оваа година се одржува од 18 до 25 февруари и ги става улиците на Струмица во центарот на карневалската традиција во земјава. Главната интернационална поворка е закажана за утре и на неа ќе учествуваат повеќе од 1.000 регистрирани учесници, вклучувајќи 30 маски од Македонија и 11 маски од странство, што ја прави манифестацијата вистински голем културен и туристички настан.

Празникот Прочка, со својата мешавина од религиозни и народни обичаи, продолжува да биде еден од најживописните и најомилени датуми во македонскиот обреден календар, кога се спојува со радоста и заедништвото.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ