Повеќе лица се убиени во пукање во едно средно училиште во градот Грац под се уште неразјаснети околности, соопштија денеска австриските власти.
Министерството за внатрешни работи досега потврди само дека има неколку смртни случаи, вклучувајќи го и осомничениот сторител. Според портпаролот на полицијата Фриц Грундниг, тој веројатно извршил самоубиство, но ситуацијата е сè уште многу „нејасна“, објавува ORF.
Осомничениот напаѓач, според првичните информации, е ученик кој извршил самоубиство по нападот. Наводно се заклучил во тоалет и таму се застрелал, а сторителот се сметал за жртва на малтретирање.
Полицијата соопшти дека распоредува свои сили околу училиштето „БОРГ Драјешиценгасе“, каде во тек е евакуација. Весникот „Кронен цајтунг“ пишува дека во пукотницата има осум загинати.
-Неколку лица, вклучувајќи ученици и наставници, се тешко повредени, објавува ORF.
Според полицијата, операцијата започнала околу 10 часот наутро. Во училиштето се слушнале истрели и е подигната тревога. Зградата моментално темелно се пребарува, а јавноста се замолува да ја избегнува областа.