сабота, септември 26, 2026
Дома БАЛКАН Ужас во центарот на Атина: По страшната експлозија пронајдени телата на сите...

Ужас во центарот на Атина: По страшната експлозија пронајдени телата на сите шест исчезнати/ВИДЕО

1

Телата на сите шест лица кои се водеа како исчезнати по силната експлозија се пронајдени во урнатините на зградата во историскиот центар на Атина, јавува француската новинска агенција АФП.

Експлозијата во петокот наутро предизвика уривање на зградата во популарната атинска населба Плака, сместена на падините под Акропол.

Грчките власти потврдија дека меѓу шесте жртви има и четворица американски државјани. Според достапните информации, туристите заедно престојувале во стан на првиот кат од зградата. Идентитетите и возраста на починатите засега не се објавени.

Во несреќата загина и постар брачен пар – Британец и Гркинка – кои живееле на вториот кат. Информацијата ја објави грчката телевизија ЕРТ, а ја пренесе порталот eKathimerini.

Во експлозијата полесно се повредени две жени кои живееле во соседната зграда, како и маж кој во моментот на несреќата поминувал со автомобил.

Градоначалникот на Атина, Харис Дукас, го опиша настанот како „неверојатна катастрофа“, наведувајќи дека штетата се проширила долж целата улица, но и на улицата зад срушената зграда.

Сериозно се оштетени и две соседни згради. Надлежните служби во моментов ја проверуваат нивната статичка безбедност и проценуваат дали постои потреба од нивно уривање од претпазливост.

Причината за експлозијата сè уште не е официјално утврдена. Градоначалникот Дукас изјави дека се сомнева на истекување на гас, додека надлежните служби ја продолжуваат истрагата.

ИЗДВОЕНИ