Актуелниот шампион во Лигата на шампионите, екипата на ПСЖ, се пласира во осминафиналето на Светското клупско првенство во САД откако славеше над Сиетл сандерс со 2:0 во последното коло од групната фаза. Сепак, тренерот на парижани, Луис Енрике, е незадоволен од (не)квалитетот на теренот на големото натпреварување.
- Сакам да истакнам, иако победивме, состојбата на теренот на првенството е под нивото потребно за играње фудбал. Квалитетот на тревата тука е далеку под оној на европските. Топката по неа отскокнува како зајак. Сега игравме на терен што порано беше вештачки, а сега е природен. Тоа значи дека мора да се полева рачно и да се исуши за десет минути – порача Енрике.
Потоа продолжи со своите критики.
- Тоа е очигледен проблем, а не изговор. На терени како оние на Светското клупско првенство во Америка, не можеме да играме на нивото што го сакаме. ФИФА мора да се погрижи за тоа. Не само на стадионите туку и во однос на терените во тренинг-камповите. Не можам да замислам, на пример, НБА-терени со дупки, а тука играме на терени каде што топката повеќе личи на зајак отколку на топка. Ако толку многу го критикуваме, тогаш тоа значи дека мора да се промени – додаде Шпанецот.
ПСЖ ќе игра против американски Интер Мајами, предводен од поранешниот играч на „светците“, Лионел Меси, во осминафиналето на Светското првенство.
Инаку, на ова големо првенство, прво во историјата, имаше и неколку изненадувања, па така, елиминација уште во групната фаза претрпеа Атлетико Мадрид и Порто.