Германската влада во среда одобри планови за ограничување на онлајн продажбата на канабис, во обид да го ограничи порастот на увозот што следеше по легализацијата на рекреативната употреба минатата година.
Според амандманот на постојниот закон, рецептите за канабис сега ќе се издаваат само по посета на лекар, додека онлајн нарачките и испораките по пошта ќе бидат забранети, објави Ројтерс. Продажбата ќе биде ограничена на аптеките, каде што фармацевтите ќе мора да дадат совети за употреба.
Германија стана деветтата земја во светот што ја легализираше рекреативната употреба на канабис во април 2024 година. Оттогаш, увозот се зголеми за повеќе од 400 проценти во првата половина од годината во споредба со истиот период минатата година, покажале владините податоци.
„Масовното зголемување на увозот на канабис и практиката на препишување на лекот преку интернет, без никаков личен медицински контакт, бараат политичка акција“, изјави германската министерка за здравство Нина Варкен во соопштението.
Владата соопшти дека зголемувањето на увозот не е поврзано со зголемената побарувачка кај тешко болните пациенти, бидејќи рецептите издадени преку системот за јавно здравствено осигурување се зголемија за едноцифрен процент.