Колабирано белодробно крило, тешко нарушено дишење, едем на мозокот и кардиореспираторна инсуфициенција се причините за смртта на новороденчето на В. И. од Арачиново, кое почина на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 1 октомври. Ова произлегува од медицинската документација што ја обезбеди Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, вчера информираше дека до министерот за здравство е доставена иницијатива за формирање стручна комисија, која треба да утврди дали во текот на лекувањето и третманот на новороденчето имало евентуални пропусти. По наредба на министерот за здравство, во вторникот бил извршен вонреден инспекциски надзор на Клиниката за гинекологија и акушерство. Надзорот бил спроведен поради сомнежи околу постапувањето во случајот со новороденчето, кое почина неколку дена по раѓањето.
Според увидот во медицинската документација, родилката В. И. се јавила на преглед на 27 септември и, како итен случај, била хоспитализирана на Одделот за патолошка и високоризична бременост. Следниот ден, на 28 септември, била донесена одлука за породување со царски рез, кој бил извршен во вечерните часови. Предвреме било родено живо машко дете во 36. гестациска недела. Четири часа по раѓањето, на 29 септември, новороденчето било префрлено на Одделот за интензивна нега поради средно тежок респираторен дистрес.
Направената рендгенска снимка на белите дробови покажала парцијален пнеумоторакс на левата страна. Детето веднаш било седирано, интубирано и приклучено на апарат за вештачко дишење, а била започната и тројна антибиотска терапија поради сомнение за конгенитална сепса. Во лекувањето бил вклучен и детски хирург, кој препорачал конзервативен третман. Во текот на 29 септември, детето двапати било реинтубирано поради спонтано вадење на цевката за дишење. На 1 октомври, состојбата нагло се влошила. Биле повикани детски кардиолог и детски хирург, кој поставил дрен поради масивен пнеумоторакс на десното белодробно крило. Истовремено, бил извршен и ултразвучен преглед на мозокот, при што бил констатиран едем на мозокот.
И покрај преземените мерки и кардиопулмоналната реанимација, при која бил даден адреналин во три наврати, состојбата не можела да се стабилизира. Смртта настапила во 19:00 часот на 1 октомври.
Како официјална причина за смртта се наведуваат масивен пнеумоторакс, белодробен емфизем, мозочен едем и кардиореспираторна инсуфициенција. Побарана е обдукција од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, но извештајот сè уште не е изготвен. Родилката била испишана од Клиниката на 1 октомври, по сопствено барање и спротивно на препораката на лекарите. За случајот заседавала и Комисијата за следење и унапредување на квалитетот на здравствената заштита при Клиниката, на 14 и на 28 октомври, во согласност со законските процедури.
Формирањето на стручната комисија треба да даде одговор дали биле направени медицински пропусти во овој трагичен случај и дали било постапувањето согласно со стандардите. Во меѓувреме, родителите на починатото новороденче најавија тужба против Клиниката за гинекологија, а случајот го истражува и Јавното обвинителство. Во јавноста беа објавени изјави од две специјализантки, кои во интерната истрага што се водела за смртта на новороденчето тврделе дека имало несоодветно лекување од страна на докторка педијатар на интензивна, која по случајот била префрлена на друг оддел. (П.А.)












