Тим на Македонското еколошко друштво (МЕД), во соработка со Националниот парк „Галичица“, ја посетил пештерата Самотска Дупка на Галичица, каде што било спроведено зимско следење на лилјаците.
Притоа била утврдена досега најголемата хибернациска колонија на видот мал потковичар (Rhinolophus hipposideros) во Преспанскиот Регион, со околу 90 единки. Истовремено, во пештерата биле изброени и повеќе единки од видовите голем потковичар (Rhinolophus ferrumequinum) и остроушест лилјак (Myotis blythii).
Од МЕД информираат дека во Европа постојат 55 вида лилјаци, од кои 30 се присутни во Македонија.
– Овие мали, но важни животни се активни во топлите месеци, кои по настапувањето на студеното време и намалувањето на достапноста на храна се засолнуваат во зимските засолништа и паѓаат во зимски сон, до првото пролетно затоплување – објаснуваат од МЕД.
Додаваат дека лилјаците се една од најзагрозените групи животни и дека најголемите закани се предизвикани од човечките активности како што се сечењето на шумите, сушењето на водните површини, прекумерната употреба на пестициди, нарушувањето на нивните живеалишта и ловот.
– Меѓутоа, лилјаците воопшто не претставуваат опасност за луѓето, напротив, играат важна улога како природни регулатори на инсектите. Без нив, популацијата на штетни инсекти може значително да се зголеми, што доведува до штети на земјоделските култури, шумите и дури до можен пренос на несакани болести – тврдат од МЕД.
Набљудувањето на лилјаците во Преспа се спроведува како дел од „Проект Преспа НЕТ III – зачувување на биолошката разновидност на прекугранична Преспа“, поддржан од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, AAGE V JENSEN NATURFOND и „EuroNatur“.












