Почесната фестивалска награда „Златен лав“ ќе ѝ биде доделенс на Ким Новак, сега 92-годишната филмска ѕвезда позната по улогата во антологискиот филм на Алфред Хичкок „Вртоглавица“.
Вкупно 21 филм ќе се натпреваруваат за престижната награда „Златен лав“ за најдобар филм. Фестивалот ќе се отвори утре вечер со „Ла Грација“ од италијанскиот режисер Паоло Сорентино, кој е во трка за главната награда.
Се очекува филмот во конкуренција, „Гласот на Хинд Раџаб“, од тунискиот режисер Каутер Бен Ханија, да привлече големо внимание. Се проценува дека е филм со најголема политичка конотација, бидејќи станува збор за драма за убиството на шестгодишно палестинско девојче, кое беше убиено од израелските сили во Појасот Газа во јануари 2024 година.
Во конкуренција ќе биде и „Франкенштајн“, високобуџетна, ажурирана верзија на митот за д-р Франкенштајн, оживеана од мексиканскиот режисер Гилермо дел Торо, мајстор на фантазијата.
Клуни ќе го претстави „Џеј Кели“ од режисерот Ноа Наумбах, комедија во која тој игра актер во средината на егзистенцијална криза.
Друг „политички филм“ во конкуренција е „Магионичарот од Кремљ“ од францускиот режисер Оливие Асаја, адаптација на бестселерот на Џулијано да Емполи за подемот на Владимир Путин од перспектива на еден од неговите најблиски советници.
Главниот човек на Кремљ го игра Британецот Џуд Ло, познат по филмот „Талентираниот г-дин Рипли“.
Двејн Џонсон, борачот кој стана холивудска ѕвезда, ќе го претстави филмот „Машината за кршење“ од режисерот Бени Сафди, приказната за борец во ММА кој се бори со зависност.
Во конкуренција е и францускиот филм „Странецот“ од режисерот Франсоа Озон, кој се смета за амбициозна адаптација на истоименото дело од Албер Ками, една од најпреведуваните и најпродаваните книги во светот. Филмот е црно-бел, а во главната улога е Бенџамин Воасен.
Германскиот режисер Вернер Херцог ќе го претстави својот најнов филм „Слонови духови“ надвор од конкуренција, приказната за стадо фантомски слонови во џунглите на Ангола.
Херцог (82), кој наизменично снима играни филмови и документарци, ќе го добие Златниот лав за животно дело на церемонијата на отворањето на Мостра.
Оваа година, претседател на жирито ќе биде американскиот режисер Александар Пејн, додека италијанската актерка и модел Емануела Фанели ќе ги води церемониите на отворањето и затворањето на фестивалот.
Фестивалот ќе се затвори на 6 септември со филмот „Куче 51“ од францускиот режисер Седрик Хименез.
Златниот лав беше доделен минатата година на „Соседната соба“, првиот филм на Педро Алмодовар на англиски јазик.
Фестивалот е еден од главните филмски фестивали во Европа, заедно со оние во Кан и во Берлин.
Фестивалот е основан од грофот Џузепе Волпи во 1932 година како дел од Венециското биенале.
Наградата беше наречена „Златен лав“ во 1949 година, а првата награда му припадна на францускиот филм „Манон“.