четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА УТРЕ СТАРТУВА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК: Заминуваат ли шесте изборни...

УТРЕ СТАРТУВА РАБОТНАТА ГРУПА ЗА НОВ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК: Заминуваат ли шесте изборни единици во минатото?

Се очекува на средбата да биде избран претседател на работната група и да се договори динамиката на работа на изборното законодавство, најави денеска собранискиот спикер, Африм Гаши

25

Се очекува да бидат постигнати избор на претседател и договор за динамиката и планот за работа, како договор на утрешната прва средба на меѓупартиската работна група за промена на Изборниот законик. Средбата ќе се одржи во Министерството за правда, каде што подоцна ќе се одвиваат консултациите што треба да ги донесат новите изборни правила. Според најавите, новите правила треба да се договорат до јуни, а своја практична примена да најдат веќе на следните парламентарни избори.

Собранискиот спикер, Африм Гаши, на вчерашниот брифинг со новинарите рече дека целта е да се дојде до изборен законик што ќе биде прифатлив за сите.

– На средбата, прва точка ќе биде изборот на претседател, а потоа ќе се утврди и планот за работа. На неодамнешната консултација со министерот за правда, начелно, сите координатори на пратеничките групи се договориле процесот да го води Министерството за правда. На Правда ќе остане дали ќе предложи нов текст, а ние, членовите на таа работна група, потоа, во партиите, да разговараме околу тој текст. Втора опција е да разговараме околу актуелниот Законик и потоа секоја партија да ги утврди забелешките, па врз основа на нив да се изготви нов текст. Ако се менува повеќе од една третина од одредбите во постојниот Законик, тогаш се носи нов изборен законик – објасни првиот парламентарец, Гаши.

Главната дилема што треба да ја расчисти оваа работна група е дали ќе следува промена на изборниот модел за парламентарните избори, со што наместо шест изборни единици, во иднина би имале само една. Актуализирањето на промената на изборниот модел со воведување само една изборна единица дојде по повеќегодишните барања на помалите политички партии, кои сметаат дека овој модел е многу поправичен и пообјективен. ЛДП, Демократскиот сојуз и други политички партии со години предлагаат воведување една изборна единица, при што се бара да нема цензус за влез во Парламентот, пратеничките мандати да се пресметуваат според Донтовиот модел, како и да се користат отворени кандидатски листи по одреден пробен период и тестирање на локалните избори.

И на неодамнешната лидерска средба што ја организираше премиерот Христијан Мицкоски беше договорено дека е потребен нов изборен законик, кој треба да биде готов до јуни. Премиерот Мицкоски уште лани во јуни соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува изборен модел со една изборна единица наместо шесте постојни, но бара да се овозможи и гласање на дијаспората.

– Повикувам сите заедно да го промениме Изборниот законик, да направиме една изборна единица и да дозволиме во таа една изборна единица и дијаспората да гласа. Има држави што дозволуваат организирање гласање исклучиво во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, но има и такви што воопшто не го дозволуваат тоа. Тоа претставува реална пречка – изјави Мицкоски по лидерската средба одржана минатиот месец.

Речиси сите други партии ги поддржуваат промената на моделот и примената на една изборна единица. Најголемите разлики се само околу примената на цензусот за избор на пратеници. Опозициската ДУИ е на ставот дека тој треба да изнесува пет проценти, а СДСМ е подготвен за договор околу висината. Партијата Беса бара со измените на Изборниот законик да се најде можност за поголемо учество на дијаспората во гласањето. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ