Министерството за транспорт и врски утре ќе објави Повик за финансиски понуди за автопатот Кичево – Букојчани. Останува да се почне да се гради уште оваа делница (покрај автопатите во иградба Тетово – Гостивар, Гостивар –Букојчани и Кичево – Охрид) за комплетно автопатско решение од Скопје до Охрид.
– На автопатот Кичево – Охрид се работи интензивно. На автопатот не се работело добри 7,5-8 години. Во последните девет месеци ја скениравме состојбата, одбиравме документација и анализиравме. Успеавме да ги завршивме првите 20 километри, на крајот на летото ќе пуштиме уште 17-18 километри. Потоа одиме во потешката фаза, остануваат уште 17 километри плус тунели од два километри кои се завршени, а сега се работат пристапните патишта. Очекувам до крајот на следната година, како што е согласно со законот што е усвоен и рокот што е зададен, да го завршиме. Првпат да имаме проект кој е завршен во рок, нема да е во првичниот рок, туку во продолжениот рок кој не е зададен од нас, туку од претходната влада, да го испочитуваме и да се заврши – вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој рече дека е поставен рок до 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија да има целосен автопат.
– Не застануваме тука и продолжуваме со активности во делот на спојката помеѓу двата автопата, Охрид – Кичево и Букојчани – Скопје. За Кичево – Букојчани задутре излегува повикот за финансиски понуди, го работиме заедно со Јавното претпријатие за државни патишта и Европската банка за обнова развој. Има и грант компонентна, тоа се 11 километри. На Гостивар – Букојчани веќе се работи интензивно, исто така и Гостивар – Тетово. Тетово – Скопје веќе има автопат и крајниот рок што го поставивме е до крајот на 2028 година од граница со Бугарија до граница со Албанија, односно од Крива Паланка до Струга и Охрид да има целосен автопат – рече Николоски.