Утре почнува конклавата: Kардиналите ќе „бијат битка“ за избор на нов папа, а римските кројачи за тоа кој ќе го облече

561

Тоа што ќе се случува меѓу ѕидовите на Сикстинската капела, останува меѓу ѕидовите на Сикстинската капела. Кардиналите гласачи, пред првото гласање денеска, ќе се заколнат дека додека се живи, ќе ги чуваат деталите во тајност, а нивниот помошен персонал и двајцата доктори, кои ќе им бидат достапни во секое време, уште во понеделникот дадоа заклетва за апсолутна тајност. По влегувањето на конклавата, сите се должни да ги предадат сите електронски уреди како телефони, таблети и паметни часовници, нема телевизори, радија, весници, дури ни отворање прозорци, а денеска во 15:00 часот ќе биде исклучен и телефонскиот сигнал. Ватикан годинава ја занемарил традицијата и не порачал да се сошие одеждата што ќе ја носи новиот папа кога првпат од балконот ќе ѝ се обрати на јавноста. Но, еден римски кројач, за секој случај, ја изработил во три големини, додека неговиот ривал, кој со децении ја правел таа облека, претпоставува дека овој пат новиот папа ќе носи одежда шиена за претходните конклави

 

Сè е подготвено за конклавата за избор на нов папа по смртта на папата Франциск, која почнува утре. Кардиналите пристигнаа во Ватикан, а поставен е и оџакот низ кој со бел чад ќе им биде објавено на верниците дека добиле нов поглавар.

Право на глас имаат 133 кардинали што се помлади од 80 години, а 108 од нив се назначени од папата Франциск, во текот на неговото 12-годишно владеење. Конклавата е и останува обвиена со превезот на тајноста. Тоа што ќе се случува меѓу ѕидовите на Сикстинската капела, останува меѓу ѕидовите на Сикстинската капела. Кардиналите гласачи, пред првото гласање утре, ќе се заколнат дека додека се живи, ќе ги чуваат деталите во тајност, а нивниот помошен персонал и двајцата лекари, кои ќе им бидат достапни во секое време, уште во понеделникот дадоа заклетва за апсолутна тајност. По влегувањето на конклавата, сите се должни да ги предадат електронските уреди како телефони, таблети и паметни часовници. Додека трае конклавата, тие ќе бидат буквално отсечени од светот, зашто во хостелот каде што се сместени нема телевизор, радио, весници, а не може ниту да се отворат прозорците. Утре во 15:00 часот ќе биде исклучен и телефонскиот сигнал, а ќе се вклучи кога ќе заврши конклавата. За придржувањето кон правилата ќе внимава ватиканската полиција, а ако некој ги прекрши, ќе биде екскомунициран.

Лицитациите за името на новиот папа се разгоруваат, а се поставува и прашањето колку дена ќе поминат додека излезе бел чад низ оџакот. Во интервју за РТЛ, Грегорио Роза Чавез, кардинал од Салвадор, ексклузивно откри дека новиот папа ќе биде избран веќе в петок.

– Мислам дека в петок ќе знаете кој е новиот папа. В петок попладне ќе го знаете неговото име – рече тој.

И додека се подготвуваат кардиналите да го дадат својот глас, а верниците трпеливо го чекаат белиот чад, во Рим се разгорува нова „битка“ – меѓу кројачите. Се поставува прашањето кој ќе му ја шие одеждата на „неродениот“ папа, иако Ватикан не ја нарачал. Последниве децении, еден кројач во Рим ја шие белата одежда што ја носи новиот папа веднаш по изборот, но овој пат се јавија конкуренти со своја понуда. Кројачите од фирмата на Лоренцо Гамарели, традиционално, правеа три облеки: кратка, средна и долга, но тој вели дека овој пат Ватикан ги замолил да не го прават тоа. Сепак, кратко пред конклавата, ривалот на Гамарели, Раниеро Манчинели, ја искористил можноста да ги понуди своите производи, пренесе „Бета“.

– Треба да ги испорачам денес или утре… тие треба да бидат подготвени пред конклавата за да може да се користат кога е потребно – изјави во понеделникот 86-годишниот Манчинели за АФП.

Тој во минатото изработувал одежди за неколкумина папи, но никогаш не ја имал честа да ја направи одеждата што ја носи папата кога првпат по изборот ѝ се обраќа на јавноста од балконот на базиликата „Свети Петар“. И покрај тоа што не му било порачано, тој рачно изработил три големини на лесни волнени наметки, ремени и бели капи. Вели дека трите варијанти на одеждата – мала, средна и голема се направени за да одговараат на  структурата на горниот дел од телото на новиот папа, додека должината е помалку важна, бидејќи при првото појавување на балконот, папата не се гледа целиот.

Гарамели, пак, не ја подготвил одеждата затоа што претпоставува дека Ватикан не му ја порачал затоа што ќе му ја даде на новиот папа онаа што останала од претходните конклави, бидејќи секогаш се прават по три одежди, а се користи само една. За разлика од него, Манчинели, кој 70 години, како кројач во својата работилница на чекор до Ватикан, работел за седуммина папи, се надева дека работите ќе се одвиваат поинаку.

– Ги правам и му ги нудам на Ватикан во случај новиот папа да може да ги користи. Ако ја користат мојата облека, ќе бидам многу среќен – вели Манчинели.

Тој додава дека облекува и епископи и свештеници и дека е преплавен со нарачки пред конклавата.

– На некои кардинали им треба појас, капа, јака… Јас ќе се погрижам за тоа – вели кројачот, кој лично ги изработил одеждите на последните тројца папи, меѓу кои и Франциск, кој почина на 21 април, на 89-годишна возраст.

ИЗДВОЕНИ