Со пригодна свеченост, утре, во близина на Неготино, симболично ќе биде означен почетокот на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој е стратешки енергетски проект од големо национално и регионално значење.
Проектот се реализира со поддршка на Европската Унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а на настанот ќе присуствуваат и ќе се обратат високи владини претставници и меѓународни партнери: премиерот Христијан Мицкоски, првиот заменик- претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање – Изет Меџити, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини – Сања Божиновска, амбасадорот на Европската Унија – Михалис Рокас, амбасадорките на САД и на Грција – Ангела Агилер и Софиа Филипиду, шефот на Канцеларијата на ЕБОР – Фатих Туркменоглу, претставникот на ЕИБ – Бјорн Габриел и извршниот директор на „Номагас“ – Мухамет Елмази.
Гасниот интерконектор до границата со Грција, за сума од околу 60 милиони евра, ќе го гради кумановската компанија „Рапид билд“, со која во мај беше потпишан договор. Преку интерконекторот, Македонија ќе се снабдува со природен гас од гасниот терминал Александропули во Грција.