Утре нова пресуда за Рамиз Мерко, овојпат за поставените директори

По ослободителната за аудито

123

Месец дена по ослободителната пресуда за службеното „Ауди“, градоначалникот на Струга Рамиз Мерко кој е рекордер во судски постапки, утре на пладне ќе се соочи со одлуката на судијата Јордан Јованов, дали е виновен или не за незаконското поставување директори на училиштата во Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Она што е карактеристично за судските процеси во кои е обвинет Мерко, е тоа што траат епски, често пати со одлагање на истите, како и со барање на иземање на судии од страна на неговата одбрана. Во моментов активни се околу осум предмети против струшкиот градоначалник на кои матичната партија Дуи му ги замрзна партиските активности откако Америка го стави на „црната листа“ поради висока корупција во Струга. Сепак тој не се повлече од функцијата, а јавните обвинители имаат долга листа на коруптивни скандали за кои го товарат пред судовите во Струга и Битола.

Во завршниот збор на денешното судење за директорите во неколку струшки училишта, обвинителот кажа дека Мерко ги назначувал надвор од сите законски прописи, без да ги исполнуваат условите, и без оглас. Исто така, се докажало дека на училиштата им била нанесена финансиска штета, односно незаконските директори земале плата. Според обвинителството, Мерко свесно ги повредил законските прописи со што го сторил кривичното дело Несовесно работење во службата.

Адвокатот на Мерко во завршниот збор побара ослободителна пресуда оти јавниот обвинител не докажал дека обвинетиот го сторил кривичното дело. Намерата му била училиштата да функционираат, ако не ги поставел за директори, немало да можат да работат, објасни адвокатот.

Ако се земе предвид дека во времето кога градоначалникот ги поставил незаконски директорите министер за образование беше кадар на ДУИ, тогаш држи тврдењето на неговиот адвокат дека нема докази од страна на министерството за образование.

Според одбраната, не бил изведен ниту доказ кој утврдува кој субјект е оштетен во случајов. Исто така, сѐ уште не бил завршен надзорот на Државниот просветен инспекторат за овие училишта оти немало решение за утврдени неправилности.

Од листата на судски процеси против Мерко, во завршна фаза се и за основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга и училиштето во Велешта, каде има и други обвинети кои се товареа за Несовесно работење во службата, а дел од нив и за кривичното дело Фалсификување исправи. Градоначалникот доби кривична пријава и за дивоградба кај еден струшки хотел. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ