Утре, во Кочани ќе се одржи нов „Марш за ангелите“ во организација на родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Маршот ќе започне во 14:05 часот од Паркот на револуцијата во Кочани, со порака да се чекори „со љубов, со болка и со достоинство – во име на оние кои повеќе не можат да чекорат“.
„Нашата порака е јасна и искрена: За нашите деца. За вистинска правда. За Македонија со совест“, се наведува во повикот.
Родителите на загинатите и повредените, како и солидарни граѓани со месеци секоја сабота маршираат низ кочанските улици барајќи правда за најголемата трагедија во историјата на независна Македонија во која загинаа 63 лица, а над 200 се повредени а голем дел од нив се со трајни последици и инвалидитети.
Судскиот процес за овој случај започна минатата недела, а досега се одржаа две рочишта.












