„Утре наутро“ на Јани Бојаџи на 19 ноември премиерно во „Синеплекс“; Од 20 ноември со кинодистрибуција низ Македонија

163

Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември, од 19,30 часот, во киното „Синеплекс“. Во најавата на филмот на „Синеплекс“ стои: „Аида, млада лекарка е силувана од нејзин постар колега, влијателен и богат хирург. Корумпираниот суд ја отфрла нејзината тужба со образложение дека за време на настанот таа не давала доволно силен отпор. Јоана Пеласка, сопругата на поранешниот премиер и нејзините деца, пак, се прогонувани заради видеофајл на кој се гледа што се случило во нивната куќа вечерта кога американскиот амбасадор оттаму ќе украде мала бронзена античка фигурина на која е претставено ‘Силувањето на Европа’…“.

–„Утре наутро“ е политичка драма во која ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме сите. Ме интересира оној висок општествен круг на луѓе кои имаат моќ да носат одлуки. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Заплетот на приказната е тој фатален 27 април 2017 година, но во принцип филмот се занимава со прашањето што после тоа? Филмот е едноставна приказна, зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците од одлуките што ги носат т. н. глави на семејствата – татковци, мажи на извесна возраст. Ова е филм посветен на сите оние жени кои во Македонија се подготвени да ги одбранат, да ги заштитат своите семејства и својата заедница, изјави режисерот Бојаџи претходно на прес-конференција најавувајќи ја премиерата.

По премиерното прикажување, од 20 ноември, филмот ќе почне кинодистрибуција низ Македонија, а проекции се закажани во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

Главните улоги во филмот ги играат Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.

Продуцент на филмот е режисерот Бојаџи, кој ја потпишува и музиката, извршен продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија, Дарио Секуловски, монтажер, Давид Дулев, сценограф, Гоце Попов, костимограф, Зорка Тодорова, а шминкер, Ирена Сенокозлиовска.

Филмот е во продукција на „Синемон медија фактори“, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.

ИЗДВОЕНИ