Филмот „Утре наутро“ во режија и по сценарио на Јани Бојаџи, вчеравечер, ја доживеа својата премиера пред голема публика која исполни четири сали во киното „Синеплекс“. Приказната за две жени кои бараат доволно причини, едната да замине, а другата да остане во земјата, полни со надеж дека утре наутро ќе биде подобро од денеска, на премиерата ја погледнаа бројни претставници на политичкиот и на културниот живот во земјава, а комплетната екипа на филмот се поклони пред публиката која ги награди со аплауз.

– Филмот им е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени, вели режисерот Бојаџи.

Аида, млада докторка Ромка е силувана од нејзин постар колега, инаку влијателен хирург. Корумпираниот суд ја отфрла нејзината тужба со образложение дека за време на настанот таа не давала доволно силен отпор. Јоана Пеласка, сопругата на поранешниот премиер и нејзините деца се прогонувани заради видеофајлот на кој се гледа што се случило во нивната куќа вечерта кога американскиот амбасадор оттаму ќе украде мала бронзена античка фигурина на која е претставено „Силувањето на Европа“.

Аида од жртва се претвора во насилник. Јоана е прогонувана од корумпираната политичка елита со моќ, за дела што ги направила во минатото. И од насилник се претвора во жртва. Откако ќе им се вкрстат животните патишта, двете жени бараат доволно причини – едната да замине, а другата да остане во Македонија. И сè ќе се преврти наопаку откако малолетниот син на Јоана ќе убие полицаец на должност…

Во главните улоги играат Нина Деан и Ирена Илиевска, а во останатите ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.

Продуцент на филмот е режисерот Бојаџи, кој ја потпишува и музиката, извршен продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија, Дарио Секуловски, монтажер, Давид Дулев, сценограф, Гоце Попов, костимограф, Зорка Тодорова, а шминкер, Ирена Сенокозлиовска.

Филмот е во продукција на „Синемон медија фактори“, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.

„Утре наутро“ почнува со кинодистрибуција и низ Македонија и публиката ќе може да го погледне во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.

ИЗДВОЕНИ