Ќе најдат ли Владата, синдикатите и работодавачите заеднички јазик околу минималната плата, потрошувачката кошница и други отворени прашања кои ќе се најдат на денешната седница на Економско-социјалниот совет. Сојузот на синдикати на Македонија не отстапува од барањето за минимална плата од 500 евра и за 6.000 денари дополнително зголемување на сите останати плати, а од Владата се отворени за преговори околу зголемување на платите.
– Ова е добра можност Владата да покаже дека се грижи за работниците, а пратениците пред распишување на локалните избори да донесат брзи законски измени и да утврдат минимална плата од 500 евра, порача Слободан Трендафилов претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија кој го доби решението за репрезентативност.
Синдикалната минимална кошничка што ја пресметува ССМ лани е зголемена за 6.500 денари, а оваа година само делот за храна и пијалаци од завршувањето на последната мерка пораснала за 2.000 денари или за 150 евра се зголемени трошоците за живот за едно четиричлено домаќинство.
Според Трендафилов, не држат веќе изговорите на Владата дека работниците и работодавачите треба да седнат и да се договорат за зголемување на минималната плата.
Повикувајќи се на Евростат, Трендафилов нагласи дека 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран и тоа, рече, треба да ги загрижи креаторите на политиките. Минималната плата од 400 евра во Македонија е пониска од онаа во Србија, Црна Гора, БИХ, Словенија и Хрватска.
-Владите во регионот им даваат поддршка на работниците, тоа треба да го направи и Владата во Македонија, порача Трендафилов.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11 проценти и најави дека Влада ќе продолжи да работи за уште повисоки примања на работниците.
-Сакам да кажам дека просечната плата треба да биде уште поголема и во таа насока ние како Влада продолжуваме да работиме. Но, самиот факт што и бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11 проценти, е демант за сите оние, би рекол некрофили во рамките на опозицијата, кои во изминатиот период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Овие податоци што сега стигаат се доволен доказ дека тие што освен тоа што не говорат вистина, туку шпекулираат, конструираат и креираат невистини и ништо не можат да сработат. Токму затоа таква е состојбата во опозицијата и токму затоа народот ја изгуби довербата во нив, изјави премиерот Мицкоски.
Инаку работодавците сметаат дека не треба да се гледа минималната плата како номинален износ и не треба да се споредува со други земји, бидејќи во различни земји платите различно вредат.
– Минималната плата не треба да се гледа како номинален износ и да се споредува со други земји. За да може реално да се спореди минималната плата, треба да се спореди учеството на минималната во просечната плата во однос на растот на продуктивноста и растот на БДП по жител. На тој начин ќе добиеме многу пореална слика за тоа дали нивото на минимална плата во една држава е високо или ниско. Инаку, во Македонија, гледаме дека имаме постојан пораст на просечната плата, што значи желбата за повисоки плати не треба да се сведе само на пораст на минималната плата. За нас се важни и работниците со повисоки плати, кои имаат поголем придонес во работата на компанијата отколку оние со минимална плата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Инаку растот на цените во земјава не стивнува. Статистика измери дека годишната инфлација во јуни била 4,5 проценти. Растеле сите цени, особено на храната. Па така, во јуни во однос на јуни лани тие биле повисоки за 6,3 отсто.
(А.С.)