Не ја прифаќаме и со индигнација ја отфрламе одлуката на Извршниот одбор за коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска Миле Андоновски, потпретседател на Партијата на пензионерите. На вчерашната прес-конференција тој рече дека ваков став има и вториот партиски потпретседател, Добре Ефремовски.
– Одлуката за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ што ја донесе Извршниот одбор предизвика големо незадоволство меѓу членството по општинските партиски организации. За нас е неприфатливо таквото коалицирање. Во наредниот период ќе остваруваме контакти со локални штабови на СДСМ и нивната коалиција и активно ќе се вклучиме во предизборните активности – најави Андоновски. Смета дека со одлуката за коалицирање се прескокнуваат и големите идеолошки разлики меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Партијата на пензионерите и дека тоа ќе ја обезличи на Партијата.
Претседателот Илија Николовски, пак, за весникот ВЕЧЕР изјави дека на седницата на ИО и на ЦО немало поголеми противења на одлуката за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ.
– Таква одлука донесовме и преговорите околу коалицирање се во тек и не се завршени. На таа седница едниот потпретседател беше за самостоен настап на изборите, другиот беше воздржан. А сега се против!? А токму Миле Андоновски учествуваше во пишувањето на нашата партиска програма во која е наведено дека пензионерите не се идеолошки определени и дека тоа овозможува соработка со најразлични партии. Инаку, на седницата најголем дел од членовите беа за нова коалиција – изјави Николовски за весникот ВЕЧЕР. Најави дека дефинитивно ќе пресечат утре на Извршен одбор.
Андоновски појасни дека освен идеолошките разлики, незадоволството кај пензионерите за коалицирање се јавило и со односот на Владата кон висината на пензиите на пензионерите во земјава, а со што, како што вели не се вреднува придонесот на секој пензионер. (Б.Ѓ.)