Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ утре повторно ќе излезе на мирна блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ поради, како што велат оттаму, долготрајното игнорирање од институциите за квалитетот на воздухот. Тие бараат мерни станици што ќе работат 24/7 и автоматски системи за следење на оџаците, како и воведување почисти енергенси. Од компанијата „Титан Усје“ реагираат дека работат согласно со законските стандарди, со построги гранични вредности и континуиран мониторинг и дека се подготвени за соработка во решавањето на системските проблеми со загадувањето

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ со нов протестен собир на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“, утре во 18:00 часот. Како што велат од иницијативата, повикот е реакција на долготрајното игнорирање од страна на надлежните институции за квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје и особено околу индустрискиот капацитет „Усје“.

– Листата на барања што ги прочитавме на првата граѓанска блокада на 26.12.2025 година, ги доставивме до сите надлежни институции. Но, бидејќи никој од нив не одговори ништо, ниту, пак, нè повикаа на разговор, повторно излегуваме на блокада за да им покажеме дека ќе бидеме упорни сè додека не ги исполнат нашите барања. Воздухот што го дишеме секој ден е сè поопасен за живот. Додека институциите молчат, граѓаните зборуваат – порачуваат од „Стоп за Усје“.

Иницијативата бара мерните станици во близина на фабриката да работат 24/7 и да прикажуваат податоци во реално време, автоматски систем за следење на оџаците, воведување почисти енергенси како природен гас или водород, како и ревизија на постојните стандарди за загадувачки честички според препораките на СЗО.

Од компанијата „Титан Усје“ реагираа дека сите обвинувања се тенденциозни и неосновани. Од компанијата тврдат дека работат целосно согласно со законската регулатива, дека ги применуваат најдобрите светски практики во производството и дека имаат 24-часовен независен мониторинг на оџаците, со резултати достапни за јавноста.

– Граничните вредности на емисиите се построги од законски пропишаните, а инвестициите за модернизација на технолошките процеси и заштита на животната средина во последните шест години надминуваат 36 милиони евра – велат од компанијата и додаваат дека независни студии покажуваат дека индустријата има помало влијание врз квалитетот на воздухот од домаќинствата, сообраќајот и горењето на отворено.

Иницијативата „Стоп за Усје“ упатува дека блокадата е мирен протест и израз на револт поради долготрајната загриженост за здравјето на граѓаните, особено на децата. Од друга страна, цементарницата повикува на дебата базирана на факти и податоци, посочувајќи дека континуирано се следи квалитетот на амбиенталниот воздух и дека компанијата е подготвена да соработува за решавање на системските проблеми со загадувањето во Скопје.

– Како компанија што во целост работи согласно со утврдените законски рамки, секогаш ќе настојуваме на почитување на принципите на владеење на правото. Како активен член на заедницата во изминатите 70 години, подготвени сме да помогнеме за сеопфатно решавање на системскиот проблем, со цел да се надминат состојбите со лошиот квалитет на воздухот во градот, што е во интерес на сите нас. Притоа, секогаш ќе инсистираме за соработка и за дебата базирана на факти и докази, а не на паушални заклучоци и ќе бидеме јасни и прецизни во нашиот став: изворите да се бараат на вистинските места – велат од цементарницата.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ