Утре Алјаска станува центар на светот – крајот на војната во Украина ќе донесе и профит и титули: Трамп пикира Нобелова награда, Путин цели на Владимир Велики

578
epa12299724 Activists wearing masks of US President Donald J. Trump (L) and Russian President Vladimir Putin (R) hold a torn map of Ukraine during a protest called 'No dirty deals at the expense of Ukraine' in Berlin, Germany, 14 August 2025. U.S. President Donald Trump will meet with Russian President Vladimir Putin in Alaska on 15 August. EPA/FILIP SINGER

Во зафрлена американска база кај Енкориџ, утревечер во 21:30 часот по наше, односно во 11:30 часот по локално време, првпат по 2018 година ќе седнат на заедничка маса американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин. „Телеграф“ објави дека во актовката на Трамп ќе има предлози кои за Русија би значеле профит, а еден од нив е во замена за мир во Украина, Москва да има пристап до природните ресурси на Алјаска во Беринговиот Теснец, но и пристап до ретките минерали од окупираните територии во Украина, кои САД имаат право да ги ископуваат врз основа на договорот склучен во мај

 

Алјаска утре станува центар на светот. Во зафрлена американска база кај Енкориџ, во 21:30 часот по наше, односно во 11:30 часот по локално време, првпат по 2018 година ќе седнат на заедничка маса американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот Владимир Путин. Главна цел на состанокот е да се најде начин за завршување на војната во Украина. Но, според советникот во Кремљ, Јуриј Ушаков, на оваа средба, која ќе биде приватна на двајцата претседатели, со присуство само на преведувачите, ќе се отворат и економски и трговски теми.

„Телеграф“ објави дека во актовката на Трамп ќе има предлози кои за Русија би значеле профит. Еден од нив е Москва да има пристап до природните ресурси на Алјаска, во Беринговиот Теснец, но и пристап до ретките минерали од окупираните територии во Украина, кои САД имаат право да ги ископуваат врз основа на договорот склучен во мај. Исто така, пишува „Телеграф“, во пакетот понуди има и укинување на некои американски санкции за руската авиоиндустрија.

– Во овој момент, Трамп навистина има сè во свои раце. Тој е оној што преговара со Путин и сака да постигне договор –изјави Фиона Хил, советник на Трамп за Русија во неговиот прв мандат.

Таа додаде дека Трамп често истакнува дека сака да престане убивањето на бојното поле и дека оваа желба често го мотивира.

– Она што Трамп не го сфаќа е дека Путин нема иста емпатија како него. Путин сака да постигне максимални цели за да го обезбеди своето наследство како Владимир Велики и е подготвен да нареди и да изврши масовни убиства, додека Трамп сака да ја запре војната и да ја освои Нобеловата награда за мир – додаде таа.

Претходно, Трамп имал разговор со германскиот канцелар, Фридрих Мерц, при што рекол дека е загрижен за можноста присуството на украинскиот претседател, Володимир Зеленски, на самитот на Алјаска да ги наруши преговорите, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на извори запознаени со содржината на разговорот. Денеска Зеленски се сретна со британскиот премиер, Кир Стармер, но на изненадување на новинарите, тоа не заврши со изјави. Даунинг стрит издаде кратко соопштение во кое, меѓу другото, се наведува дека Стармер и Зеленски се осврнале и на состанокот на Трамп и на Путин на Алјаска, „кој претставува реална можност за напредок , под услов Путин да преземе чекори со кои ќе докаже дека е сериозен за прашањето за мирот“.

Небото над Алјаска утре се затвора за да пристигне Путин на средбата

Според извештаите на американските медиуми, Трамп требало да тргне од Вашингтон  доцна вечерва, а да пристигне во Енкориџ утре изутрина.

Иако организацијата на патувањето за американскиот претседател е чиста формалност, за руската страна е многу посложена задача. Поради налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд, тимот на Путин мора детално да го испланира секој дел од патувањето. Изворите велат дека авионот на Путин ќе лета до Алјаска преку Беринговиот Теснец, избегнувајќи го меѓународниот простор и влегувајќи во американскиот воздушен простор директно од рускиот. Утре Федералната администрација за воздухопловство на САД (FAA) ќе затвори дел од небото над Алјаска за да овозможи непречено и безбедно пристигнување на рускиот претседател.

ИЗДВОЕНИ