Усвоени два амандмани на власта, СДСМ повлече 142 од поднесените 200

31

Парламентарната Комисија за финансирање и буџет ја заокружи дискусијата за амандманите на предлог-законот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година и го достави до Собранието за понатамошна обработка. Дискусијата за ребалансот започна на 2 јули со општа дебата која траеше три дена, по што започна амандманската расправа. Во текот на расправата минатата недела, поддршка доби и амандман од пратениците од власта, кој се однесуваше на обезбедување средства во износ од 50 милиони денари за исплата на надоместок на право на посебен додаток кои ги користат лицата со попреченост до 26 години и лица постари од 26 години, односно, за лицата за правото на попреченост.

Комисиските амандмани од пратениците на СДСМ за обезбедување милијарда и 200 милиони денари за финансиска помош на повредените и семејствата на починатите во пожарот во Кочани, како и за медицинска опрема за Општата болница во Кочани, не беа прифатени. Исто така, не беше прифатен ниту амандманот за 500 милиони денари за противпожарните служби за плати, подобрување на механизацијата и набавка на заштитна опрема.

СДСМ ги најави овие амандмани минатата недела кога повлече 142 амандмани за ребалансот, за кој вкупно беа поднесени 200.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, го одби амандманот, нагласувајќи дека континуирано се преземаат активности по пожарот во Кочани и дека моментно се работи на системско решение кое ќе вклучува финансиска помош и сè што е потребно.

Инаку вчера беше усвоен еден амандман кој предвидува дополнителни финансиски средства за Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. По предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски, мнозинството одлучи да обезбеди пет милиони денари за функционирање на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Стојановски образложи дека во склоп на болничкиот комплекс треба да започне изградба на нов медицински факултет и студентски дом со 200 легла, со цел подготовка за реализација на проектот за Клиничката болница во Штип.

Јанкуловски, изјави дека амандманот е прифатен поради, како што рече, „вонредните околности кои ги спомена пратеникот”.

Дел од пратениците од Европскиот фронт реагираа, тврдејќи за дискриминација, како што изјави Рина Ајдари, бидејќи не биле прифатени амандманите со кои се бараа средства за Универзитетот „Мајка Тереза“. Во одговор, Стојановски ги демантираше овие тврдења, презентирајќи податоци за обезбедени дополнителни 139 милиони денари за тој универзитет.

Со ребалансот на Буџетот се врши прераспределба на средства меѓу буџетските корисници, се дообезбедуваат средства за исплата на плати, пред сè во Министерството за внатрешни работи, каде е обезбеден пораст на платите на вработените од 10 проценти, а обезбедени се дополнителни средства и за исплата на зголемени пензии и дополнителни околу 300 милиони денари за капитални расходи.

Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, што е за еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на првичните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, изнесуваат 47,5 милијарди денари.

Државниот долг на крајот на 2025 година, според проекциите на Владата, ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на ниво од 62,1 процент.

 

ИЗДВОЕНИ