Цените на стоматолошките услуги не може да одат под минималното ниво кое е определено со Листата на стоматолошки услуги донесена ид Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија. Ваква одлука вчера донеле уставните судии откако на седницата решиле да не се поведе постапка за оценување на Листата на стоматолошки услуги со минимални (референтни) цени донесена од Извршниот одбор на Стоматолошката комора на Македонија од 24.04.2024 година.
Во иницијативата која ја разгледувале судиите се бараше стоматолозите да можат да вршат стоматолошки услуги и по пониски цени од оние кои што како најниски ги предвидела Стоматолошка комора. На интернет страницата на Стоматолошката комора може да се види дека, според ценовникот, прегледот на пациентот минимално чини 500 денари, анестезија – 300, вадење на траен заб – 1.000 денари, пломбирање – 1.200 денари а чистење на забен камен минимални 1.600 денари… Неприменувањето на овие цени повлекува најразлични санкции. Но, судиите сметале дека не може да им се дозволи на стоматолозите да наплатуваат помалку од овие утврдени цени.
-За Уставниот суд се неприфатливи наводите дека оспорениот акт ја нарушува слободата на пазарот со поставување на минимални цени и ограничување на рекламирањето врз основа на цената. Според Судот, Стоматолошката комора на Македонија, со воспоставување на минимални цени, гарантира дека приватните стоматолози нема да го загрозат квалитетот на услугата и професионалната етика заради пазарната конкуренција, од каде корист би имале самите пациенти а со тоа, индиректно се поддржува поширокото право на здравствена заштита, на начин усогласен со јавниот интерес. За Судот неспорен е фактот дека Листата на стоматолошки услуги е од општ карактер и се однесува подеднакво за сите и нема елементи на селективна примена или создавање на привилигирана или дискриминирана категорија на граѓани – се наведува во образложението на Судот.
Во иницијативата се тврдеше дека стоматолозите се приморани да пружаат услуга само на оние граѓани кои имаат финансиска можност да платат најмалку колку што е предвидената минимална цена, наместо да го унапредат здравјето на сите останати без оглед на нивната финансиска моќ. Подносителот наведе дека тоа е во спротивност со членот 9 од Уставот кој предвидува еднаквост на сите граѓани. (Б.Ѓ.)
Фото: ФБ