Околу 12.000 македонски пензионери што живеат во странство се најдоа во неизвесност поради најавените измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Според овие измени, на пензионерите надвор од Македонија нема да им биде исплатено покачувањето од 1.000 денари за март 2026 година.
Пензионерите во државава ќе го добијат ова покачување, што го отвора прашањето за еднаквост и дискриминација. Поради тоа, Уставниот суд најави дека ќе ги разгледува уставноста и законитоста на измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
До Судот веќе се поднесени три иницијативи со кои се оспоруваат измените, наведувајќи дека тие создаваат нееднаквост и дискриминација меѓу пензионерите во државава и оние во странство, иако сите имаат исти пензиски права врз основа на уплатените придонеси.
Првата иницијатива е поднесена од Љубомир Сандевски, кој тврди дека Законот ги лишува од веќе стекнатото право и дека се нарушува принципот на еднаквост. Втората иницијатива е од Илија Ивановски, кој оспорува дека покачувањето се однесува само на пензионерите со исплата во државава, со што се создава индиректна дискриминација според местото на живеење. Третата иницијатива е од Темелко Ристевски, кој посочува за повреда на повеќе уставни одредби, вклучувајќи ги еднаквоста, слободата на движење и правото на социјална заштита.
Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување потсетуваат дека постапуваат според важечкиот Закон, додавајќи дека пензионерите во странство веќе го добиле првото покачување од 500 денари во септември 2024 година. Фондот истакнува дека ќе ги почитува сите идни одлуки на надлежните институции, вклучително и конечната одлука на Уставниот суд, која ќе биде клучна за тоа дали ќе ги добијат пензионерите најавените средства.
Уставниот суд на 25 февруари ќе одржи седница на која ќе гласа за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на членот 37 став 1, со кој, за линеарното зголемување од март минатата година, се додаде условот „пензијата да се исплаќа во Република Македонија“.
Комисијата за заштита од дискриминација пред три месеци даде мислење за индиректна дискриминација на македонските пензионери кои живеат надвор од државава, а кои не го добија мартовското линеарно покачување од 2.500 денари. Мислењето на Комисијата е обврзувачко, односно таа го задолжи Министерството за социјална политика во рок од 180 дена да го измени спорниот член од Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кое им се оневозможува парите да им легнат на сметка.
Иако го почитуваат мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација, сепак, во Министерството за социјална политика ќе ја чекаат одлуката на Уставниот суд и потоа ќе се одлучува дали ќе се подготвуваат законски измени, како што пишува во мислењето на Комисијата.
(С. Бл.)












