УСТАВНИОТ СУД ГО ГУБИ ТРПЕНИЕТО ОКОЛУ ИЗМЕНИТЕ НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК: Злоупотребите на службената положба стануваат неказниви, се брише ли фамозниот член 353?!

Претседателот на Уставниот суд реагира на големото доцнење на новите измени во Кривичниот законик, со кои треба да се заменат скандалозните промени од пред две години, кои предизвикаа амнестија и намалување на казните на стотици функционери. Ако Уставниот суд ги укине тие одредби или целиот Закон, тоа ќе биде зелено светло да се краде колку што се сака, предупредува Дарко Костадиновски. Подносителот на иницијативата, Павле Трајанов, бара да се донесе поништувачка одлука и да се преиспитаат амнестираните случаи и намалените казни

573

Тешките кривични дела како злоупотреба на службената положба и овластување, злосторничко здружување и други криминални дејства од декември може да станат неказниви за граѓаните што ќе ги сторат. Вакво предупредување произлезе од телевизиското интервју на претседателот на Уставниот суд на Македонија, Дарко Костадиновски, кој повторно реагираше на веќе големото доцнење на измените во Кривичниот законик, кои ги побараа уставните судии во февруари. Првиот човек на Уставниот суд објави дека ако во македонскиот Парламент до крајот на декември не почне процедурата за носење нови законски решенија, тогаш тие ќе донесат конечна одлука за контроверзните и скандалозни измени во Кривичниот законик од 2023 година. Познато е, со Законот за измени и дополни на КЗ се изврши ублажување на многу дотогашни кривични дела и предвидени санкции, по што практично беа амнестирани повеќе од 800 осудени и лица против кои беа во тек кривични постапки. Уставните судии, во февруари, поведоа постапка за оцена на уставноста и законитоста на скандалозните измени, а на Собранието му определија шестмесечен рок да усвои нови казнени и поправични одредби, кој истече во август годинава.

– Немаме многу време, јас сум должен да го чувам кредибилитетот на Судот, оти ако дозволиме Собранието континуирано да не ги почитува нашите одлуки, тогаш нашата работа станува бесмислена. Доколку Собранието до последната седница на Судот во декември не ги направи неопходните измени, јас ќе го ставам тој предмет на дневен ред на седницата на Судот и ќе одлучиме – изјави Костадиновски.

Зелено светло за криминал

Уставните судии, со својата февруарска одлука, реагираа на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, кои вклучуваа намалување на казните за функционерите, што предизвика реакции и спротивставени мислења за уставноста на Законот. Мнозинството од уставните судии сметаат дека Законот, кој го оспорија лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, и граѓанинот Крсте Велески од Охрид, е штетен и има далекосежни последици. Според нив, Законот бил донесен во нетранспарентна итна постапка, без јавна расправа, со злоупотреба на европското знаменце и посебно со измените во членот 353 и други предизвикал автоматско застарување на повеќе високопрофилни предмети за корупција и амнестирање на поранешни функционери во Македонија. Со измените, се воведоа други квалификации на делата и се намалија предвидените казни и роковите за застарување.

Но, и покрај деветмесечно чекање од Собранието, Владата и Министерството за правда, нема најави дека новите законски решенија ќе ја почнат собраниската процедура. Собранискиот спикер, Африм Гаши, на неодамнешниот брифинг со новинарите, рече дека „сè уште чекаат на предлог од Владата“, а министерот за правда, Игор Филков, вчера не беше достапен за да одговори на новинарските прашања на весникот ВЕЧЕР околу оваа тема.

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, наведе повеќе можни опции што може да се случат во декември, кога уставните судии ќе донесат конечна одлука за овој предмет. Односно кога ќе се изјаснат во однос на скандалозните одредби, кои сè уште се во сила. Тој напомена дека е можно судиите да решаваат во однос на законските измени во целина или, пак, во однос на дел од вкупно 39 члена колку што има овој Закон за измените и дополнувањата на КЗ.

– Ако Уставниот суд ги укине тие одредби или целиот Закон, во тој случај, со укинувачкиот ефект, во живот не се враќа старото правно правило, односно претходното законско решение што било заменето. Во тој случај, се создава правен вакуум и нема да постои член 353. И сега, замислете, тоа ќе биде зелено светло да се краде колку што се сака. Оти според нашиот Устав, никој не може да одговара за кривично дело што не е предвидено со Кривичиот закон – наведува Костадиновски.

Тој додава дека е поинаква состојбата кога би донеле уставните судии одлука што би била поништувачка.

– Ние веќе изразивме сомнеж за формална уставност на Законот, бидејќи тој беше донесен во нетранспарентна постапка и со злоупотреба на европското знаменце, а најдовме и материјална неуставност. Во ситуација кога се поништува цел еден закон, тогаш, според мое лично мислење, во сила се враќа претходното правно правило. Ова посебно од причина што се поништува целиот правен основ со кој претходното правно правило било ставено надвор од сила. Сосема е различно ако Уставниот суд одлучи да поништи неколку одредби од некој закон. Во тој случај, се поништува нивниот ефект, ефектот на тие одредби од нивното донесување – нагласува првиот човек на Уставниот суд.

Не беше прифатено барањето за времена мерка

На одлуката со која би се поништиле новите законски промени што предизвикаа револт во јавноста, инсистира и еден од подносителите на иницијативата, Павле Трајанов.

– Уставниот суд треба да однесе одлука со која ќе се поништат направените промени, кои предизвикаа амнестија и ослободување од казните на повеќе од 800 функционери и други лица. Па, по таква поништувачка одлука, да се преиспитаат сите донесени судски одлуки околу случаите што биле опфатени. Значи, сè да се врати во поранешната состојба, а потоа правниците нека се расправаат околу тоа дали има некоја правна спорност – вели Трајанов во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека кога ја повел иницијативата, во време кога почнале да се применуваат благите одредби, истовремено барал и да се изрече времена мерка со која ќе се стопирала нивната примена.

– Но, тоа беше одбиено. Очигледна беше намерата измените да стапат во сила за да има масовна амнестија и намалување на казните. Освен ова, досега Собранието требаше да донесе заклучок со кој ќе ја задолжеше Владата да ги подготви новите измени во Кривичниот законик, бидејќи е задолжено од уставните судии да ја спроведе одлуката во шестмесечниот рок – нагласува Трајанов. (Б. Ѓ.)

Варијанта со „мртва норма“ и одложено дејство

Првиот меѓу уставните судии, Дарко Костадиновски, најавува и можност да се донесе одлука што никогаш досега не била применета во нашата уставна практика.

– Во нашиот акт, има еден член што јас го викам „мртва норма“, што ниту еднаш досега не е применета. Таа норма предвидува дека Уставниот суд може да ги определи начинот и рокот на извршување на неговата одлука. Што значи тоа? Според мене, тоа би значело дека тоа значи дека Уставниот суд може да донесе одлука со која, на пример, „се укинуваат Законот за измени и дополни на Кривичниот законик“, но со одложено правно дејство. Тоа значи дека можеме да одлучиме да го укинеме Законот, но правното дејство ќе стапи во сила, на пример, на 1 февруари. Доколку Судот се определи за вакво решение, правиме дополнителен притисок врз Собранието да ја почитува нашата одлука. Тогаш, на 1 февруари ќе се укине таа одредба и на 1 февруари членот 353 ќе го нема – потенцира Костадиновски.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ