Одлука дали поранешниот директор на Државниот завод за статистика Апостол Симевски законски имал основ во Методологијата според која во 2021 година бил вршен Пописот на население да го дели населението на „резиденти“ и на “нерезиденти“, денеска се очекува да донесе Уставниот суд. На дневен ред на денешната седница ставена и е точката со предлози за одлучување со нацрт-одлуки, а која се однесува на веќе покренатата иницијатива за оценка на уставности и законитоста на Методологијата според која се спроведувал пописот на населението пред четири години.
Подносителот на иницијативата пратеникот Скендер Реџепи од коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ неодамна за ВЕЧЕР изјави дека е прекршен Уставот и Законот за попис.
-Уставот гарантира еднаквост на граѓаните и не смее да постои акт кој создава права несигурност. Со Законот за Попис е предвидено само да бидат опфатени лицата, државјани на РСМ кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава. Оспорените одредби за постоење на „резидентно“ и „нерезидентно“ население не се предвидени со Законот за попис и со тоа е повредено вледеење на правото. Директорот се ставил во улога на законодавецот, на креатор на норма а не смеел – ни рече пратеникот Реџепи.
Тој додава дека вака направениот попис создава основ за нееднаквост на граѓаните.
Во одлуката на уставните судии за покренување на иницијативата за оценка на уставноста и законитоста беше наведено дека од анализата на содржината на оспорените делови на Методологијата во корелација со одредбите од Законот за попис на населението произлегува дека категориите „вкупно резидентно население“ и „вкупно нерезидентно население“, не се предвидени со член 6 став 1 алинеја 1 од овој закон.
-Ова не е предвидено со член 17 став 2 алинеја 1 од истиот закон, ниту директорот на Државниот завод за статистика има овластување да воведува посебни категории во Методологијата – се наведува во образложението на Уставниот суд околукое денеска судиите дефинитивно ќе се изјаснуваат дали да ги укинат или, пак, поништат одредбите од Методологијата.
Познато е, врз основа на вака дефинираната Методологија Симевски по попишувањето соопшти дека во Македонија има 1.836.713 лица како „резидентно население“ од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,30 проценти се Албанци, 3,86 отсто Турци…. Според него, како „нерезидентно население“ односно, како наши граѓани кои се повеќе од 12 месеци во странство биле попишани 260.606 лица од кои 24.45 отсто се изјасниле како Македонци, 66.36 проценти како Албанци, 4.79 отсто како Турци… Односно, вкупното попишано резидентно и нерезидентно население изнесува 2.097.319 лица меѓу кои 54.21 отсто се изјасниле како Македонци, 29.52 проценти како Албанци, 3.98 отсто како Турци, 2.34 проценти како Роми, 1.18 отсто како Срби, 0.87 отсто како Бошњаци и 0.44 проценти како Власи.
Ваквото образложение отвора дилеми дали во случај на поништувачката или пак на укинувачката одлука на уставните судии може да следи поништувањето на попсиот како статистичка операција или, пак, промената на процентите кои што ја изразуваат застепноста на македонската, албанската, турската и на другите етнички заедници? Односно, дали единствен пописен резултат ќе биде оној за вкупно попишаното население од 2.097.319 лица меѓу кои 54.21 отсто се изјасниле како Македонци, а 29.52 проценти како Албанци? (Б.Ѓ.)