Уставни измени за петка, ново вето гратис!

Македонија нема назадување во евроинтеграциите и е меѓу најподготвените земји во регионот, веднаш по Црна Гора, оцени премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го извештајот за напредокот. Тој нагласи дека Владата останува фокусирана на реформите, особено на владеењето на правото и на борбата против корупцијата. Министерот Тимчо Муцунски, пак, посочи дека земјата добила високи оцени за надворешната политика и за регионалната соработка, но и дека недостига напредок во правосудството. Владата бара гаранции од ЕУ за предвидливост на процесот и ја нагласува потребата од доверливост во разговорите со Софија. Македонските власти уверуваат дека нема да прифатат решение „по секоја цена“, туку одржливо и во интерес на државата

202

Ќе добиеме петка и ќе бидеме шампиони ако ги направиме уставните измени, а потоа повторно ќе се соочиме со ново вето, со оваа иронична констатација премиерот Христијан Мицкоски ја коментираше оцената на Европската комисија за напредокот на Македонија. Тој нагласи дека и покрај одредена стагнација во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, извештајот не покажува назадување и дека генерално е задоволен од оцените. Според него, земјата е меѓу најподготвените во регионот за членство во ЕУ, веднаш по Црна Гора, и Владата останува целосно посветена на реформите и на економскиот напредок. Мицкоски рече дека изминатиот период и тој самиот постојано посочувал за стагнација во неколку области.

– И тоа е владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и затоа нонстоп зборувам дека се потребни промени во Судскиот совет, во Обвинителството итн. Сега, уште по завршувањето на изборите, многу посериозно ќе се занимаваме со таа тема, додека, пак, во сите други области има одреден мал напредок или значителен напредок. Јас генерално можам да го оценам како добар, инаку не можам да се согласам со констатацијата дека има некои други земји што се пред нас. На пример, ние сме многу пред Албанија. Иако некои од еврокомесарите даваа такви изјави какви што даваа, така што кога ќе се анализира состојбата на државите кој е спремен, кој не е спремен, објективната оцена е дека Црна Гора е прва, на второто место сме ние и Србија, па потоа доаѓаат Албанија, БиХ, Косово итн. од земјите во регионот – рече Мицкоски.

Премиерот, кој вчера попладне во Владата го прими извештајот од евроамбасадорот Михалис Рокас, потенцираше дека Владата ќе продолжи да работи и дека тој е апсолутно фокусиран на реформите.

– Но, треба да работиме и ќе работиме. Јас апсолутно сум фокусиран на реформите. Оваа Влада е реформска и ќе продолжи во таа насока. Ме охрабруваат пораките за реформите во делот на економијата, во делот на борбата против перењето пари, воведувањето на заедничкиот платежен систем, односно СЕПА, Царината, деловите како бесплатен роаминг што ќе се имплементираат – рече премиерот.

Првичната оцена од Владата, во телевизиско гостување, ја даде министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кој паралелно со барањето на ЕУ за уставни измени, повторно го поставува и прашањето за гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред, кон Унијата.

– Главната порака што ја добивме од Брисел е дека геополитичкиот контекст ѝ налага на ЕУ да го интерпретира процесот на проширување како процес на унификација на Европа, кој, покрај економско, има и безбедносно значење за Унијата. Убеден сум дека доколку државата ги имаше направено уставните измени, и овој извештај ќе беше поразличен во начинот на кој се поставени одредени фрази во неговата содржина, бидејќи техничкиот елемент што се оценува има и политички аспект. Но, ние, како Влада, тоа што го зборуваме отворено пред граѓаните и тоа што чувствуваме дека е став на нашиот народ, го пренесуваме и во Брисел. Така се изградени и нашите позиции. Не е само прашањето на уставните измени, прашањето е кои се гаранциите што ќе ги добие државата за предвидливоста на нејзиниот пат напред – рече Муцунски во гостување на телевизија „Сител“.

Шефот на дипломатијата истакна дека земјава добила високи оцени за надворешната политика и за регионалната соработка, како и пофалби за нашата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика. Според него, покрај надворешната политика, документот дал позитивни оцени во образованието, истражувањето, дигитализацијата, работата на Царинската управа и дека во ниту една област државата нема назадување, освен нотираните суштински проблеми во борбата против корупцијата и реформата на правосудството.

– Факт е дека имаме суштински проблеми во борбата против корупцијата и реформата на правосудството, кои не сме ги решиле, каде што се идентификувани одредени аспекти што се поврзани со она што треба да го преземе Владата, а некои се поврзани со работата на судството и на ЈО. И тука се согласувам дека треба повеќе да направиме и затоа имаме преземено обврска до крајот на оваа календарска година да ги донесеме сите клучни реформи во делот на правосудството и на борбата против корупцијата, кои се дел од реформската агенда. Доцнат постапките во борбата против високата корупција, најчесто доаѓа и до застарување на предметите, нема доволно ажурност, и тоа не е критика за Владата, тоа е критика за правосудството. Затоа што, за жал, тврдам дека голем број од судиите и од обвинителите во државата се чесни луѓе, професионалци, кои добро си ја вршат работата, но има исклучоци, високопозиционирани, кои го имаат киднапирано нашето правосудство, го држат во заложништво и притоа штитат одредени политички елити – рече Муцунски.

Министерот рече дека со односот кон Македонија, Европската Унија сама си ги нарушува фундаменталните вредности што се вградени во нејзините основачки документи. Во однос на најавите на премиерот Христијан Мицкоски за засилени активности по Нова година во евроинтеграциите и дали имаат сигнали од Софија во однос на нашите барања, тој рече дека за процесот да биде успешен, треба да ја штитиме неговата доверливост.

– Доколку сакаме некој процес да биде успешен, треба да ја штитиме неговата доверливост. Ние ќе продолжиме да бидеме принципиелни, имаме јасни позиции, но верувам дека таму каде што постои желба, постои и начин. И тоа го зборувам насочено и кон ЕУ, која ако сака да испорача, ќе најде начин. Ние постојано одиме и дискутираме за тој процес. Дел од средбата со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, во Брисел беше поврзана и со ова прашање, така што не е сега дека почнуваме нешто, процесот трае и ќе продолжи да трае сè додека не се најде кредибилно и одржливо решение и граѓаните треба да бидат уверени дека тоа нема да биде решение како на нашите претходници: по секоја цена и решение кое ќе нè стави во ситуација по променето уставно име на државата, по променето знаме, по редица промени на нашиот Устав, повторно да бидеме на истото место каде што бевме пред повеќе од 20 години – потенцира Муцунски.

ИЗДВОЕНИ