Играта продолжува, но Македонија мора да го одигра следниот потег. Со симболична, но недвосмислена порака дека уставните измени се клучот за отворање на новото европско поглавје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го фрли фокусот назад во македонското Собрание. Во рамките на својата балканска турнеја и посетата на Скопје, преку средбите со државниот врв – претседателката Сиљановска-Давкова, премиерот Мицкоски и собранискиот претседател Гаши, Фон дер Лајен уште еднаш ја стави европската перспектива на маса. Но, условот останува: договорената уставна промена. ЕУ, вели таа, е подготвена.
– Целосно ја поддржуваме Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена. Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме антена за фабрика за вештачка интелигенција во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте – објави претседателката на ЕК на платформата „Икс“.
Со оглед на тоа што посетата на претседателката на ЕК дојде во предизборен период во земјава, немаше официјална прес-конференција за директно да се испратат пораките до јавноста, но судејќи според соопштенијата од прес-службите кај нас, Фон дер Лајен не наишла на „кимање со глава“ кај македонските соговорници. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова побарала од неа креативно решение за деблокада на македонските евроинтеграции и искажала подготвеност за разговори со Бугарија по одржувањето на локалните избори во земјава, додека во земјава мора да се насочи енергијата кон реформите во судството и кон бескомпромисната борба со корупцијата и криминалот.
– Сиљановска-Давкова очекува помош од Унијата во пронаоѓањето излезно креативно решение за деблокада на македонските интеграции, бидејќи, како што нагласи, прифаќањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ не е само прашање на проширување туку и ги засега безбедноста и стабилноста на Европа. Иницијативата за реформирање на процесот на одлучување во ЕУ, што би ги опфатило и прашањата поврзани со проширувањето на Унијата, односно воведувањето гласање со квалификувано мнозинство, за Сиљановска-Давкова би било храбра одлука што ќе доведе до евроинтеграциски исчекор. Гордана Сиљановска-Давкова предупреди на опасноста од реплицирање на преседанот со билатерализацијата на македонскиот процес на интеграција, надвор од Копенхашките критериуми, не само во регионални рамки туку и пошироко – соопштија од Кабинетот на претседателката.
Македонската претседателка ја оценила посетата како охрабрувачка и поттикнувачка за европската реинтеграција на регионот и ја реафирмирала посветеноста кон исполнувањето на стратешката цел: полноправно членство во ЕУ. Таа ги споредила Балтикот и Балканот, посочувајќи ја очигледната разлика: во првиот, земјите, членки на ЕУ, застанаа зад своите соседи, а во вториот, некои членки на ЕУ го користат привилегираниот статус за да го условуваат, па и да го блокираат политичкиот пат на соседот кон Брисел.
– Воедно, потсети на непочитувањето, односно кршењето на некои фундаментални принципи и вредности на основните конститутивни акти на ЕУ што ги гарантираат националниот идентитет и културниот идентитет на државите и на нациите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните. Исто така, изрази подготвеност за македонско-бугарски разговори по завршувањето на локалните избори – стои во соопштението.
Урсула фон дер Лајен, пак, како што велат оттаму, го започнала разговорот со изразување отворен интерес на ЕУ за Западен Балкан, поради неговата природна европска припадност во географска, историска и во културна смисла, но и поради тектонските промени на меѓународниот поредок и зголемените светски и европски безбедносни закани.
– Претседателката Урсула фон дер Лајен ја нагласи јасната волја кај сите 27 земји, членки на ЕУ, за забрзано реинтегрирање на Балканот и го поздрави значајниот прогрес постигнат во рамките на Планот за раст, потенцирајќи дека земјава заслужува да оди напред – велат од претседателскиот Кабинет.
Премиерот Мицкоски, пак, на средбата со Фон дер Лајен истакнал дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните, кои со децении остануваат посветени на европските вредности. Тој ја истакнал решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди.
– Посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и на заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и на европската иднина на земјата – стои во соопштението на владината Прес-служба, во кое се вели и дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и за дигиталната трансформација.
Пред посетата, пак, Мицкоски изјави дека очекува од средбата со претседателката на ЕК реафирмирање на позицијата дека наша стратешка цел останува полноправното членство во ЕУ, при што се надева дека во тој процес ќе има испорака и од страна на Унијата.
И претседателот на Собранието, Африм Гаши, на средбата со Фон дер Лајен истакнал дека нејзината посета на Скопје претставува поддршка и афирмација на цврстата определба на државата да остане на европскиот пат. Гаши посочил дека за земјава, како кандидат, Европската Унија не е само политички и економски блок туку и посветеност на вредностите како демократија, владеење на правото, човекови права и солидарност. Собранискиот спикер истакнал дека и кога се соочувала земјата со најголемите предизвици, граѓаните не се поколебале во однос на членството во ЕУ.
– Нагласи дека слоганот на ЕУ „Обединети во различностите“ најдобро ја опишува Северна Македонија, а изрази и благодарност за Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој ветува значително подобрување на економскиот и на социјалниот развој на државите во регионот и нивна поголема интеграција во ЕУ – стои во соопштението на собраниската Прес-служба.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во средата попладне пристигна во Скопје, како последна станица од нејзината турнеја по Западен Балкан, откако претходно, изминатите денови, ги посети Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово. (В.С.Н.)