Новопредложените измени во Изборниот законик со кои повторно се предвидуваат заострени услови за кандидирање на независните кандидати, не се на линија на неодамнешната одлука на Уставниот суд. Вакво мислење се добива во Уставниот суд во кој се следат случувањата околу спроведувањето на неговата одлука, со која се побараа многу демократски услови за учество на независните кандидати во изборниот процес. Познато е, уставните судии минатиот месец укинаа два члена од Изборниот законик со кои се предвидуваше независните кандидати да мора да соберат најмалку 1 процент од вкупно запишаните избирачи за да се кандидираат за градоначалници и за општински советници. По ова, неколку пратенички групи во македонскиот Парламент излегоа со нов предлог, со кој се предвидуваат нови услови за нив. Според предлогот, ќе има градација на потписите согласно со бројот гласачи во одредени општини, па така: за општините со број на гласачи до 10 000 – најмалку 100 потписи; од 10 001 до 20 000 – 200 потписи; од 20 001 до 30 000 – 300 потписи; од 30 001 до 40 000 – 400 потписи; од 40 001 до 50 000 – 500 потписи; од 50 001 до 60 000 – 600 потписи; од 60 001 до 70 000 – 700 потписи; од 70 001 до 80 000 – 800 потписи; од 80 001 до 90 000 – 900 потписи, за општините над 90 001 жители – најмалку 1.000 потписи, а за Град Скопје – најмалку 3.500 потписи од граѓаните запишани во Единствениот избирачки список.
Граѓанските здруженија веднаш оценија дека условите се дополнително влошени и неприфатливи, односно дека претставуваат „плукање во лицето на демократијата и на политичкиот плурализам, плукање врз лицето на Уставниот суд“. Оттаму веќе најавија дека во случај предложените измени да бидат усвоени, ќе побараат претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не го потпишува указот за новиот закон, но и дека пак ќе поведат постапка пред уставните судии.
Од изворите на ВЕЧЕР во Уставниот суд се дознава дека предлагачите на новите законски решенија не смеат да заборават дека неодамнешната одлука треба да се спроведе во целост.
– Од она што се споделува во јавноста, се добива впечаток дека новопредложените решенија за условите за кандидирање на независните кандидати не се во духот на нашата одлука. Таа одлука треба да се спроведе во целост. Не само да се определат новите услови за да пополни правната празнина туку тие да бидат и во духот на образложението на нашата одлука, а поради што сме донеле одлука за укинување на двата члена. Значи, законодавецот има обврска да го испочитува нашето образложение во кое е наведено дека условот од 1 процент не е демократски, дека претставува стеснување на политичкиот плурализам, а што е темелна вредност на нашиот уставен поредок – наведуваат изворите во Уставниот суд.
Во неодамнешната одлука на судиите е наведено дека „законодавството со кое се регулираат изборите треба да го поттикнува, а не да го ограничува плурализмот на политичките ставови и мислења, да создава услови за постоење плуралистичка политичка клима, фер изборен натпревар и средина во која ќе се промовира учеството не само на политичките партии туку и на другите групи и поединци во политичкиот и во јавниот живот“.
– На тој начин ќе се спречи злоупотребата на политичката моќ на доминантните политички партии, кои благодарение на својата застапеност во законодавниот орган, ги креираат правилата на политичкиот натпревар во своја сопствена корист, а на штета на другите политички групи и непартиски кандидати – се потенцира во образложението на одлуката.
Независните кандидати направија анализа на новите услови и од неа се гледа дека во голем дел од општините условот за нивно кандидирање е над 1 процент од запишаните избирачи. Во Уставниот суд наведуваат дека во случај повторно да добијат иницијатива со која повторно ќе бидат оспорени новите законски бариери, ќе постапат максимално одговорно. Во оваа институција се свесни дека одлуката ќе биде важна за претстојните локални избори, кои се планирани за октомври годинава.
– Во таква ситуација, многу работи зависат од судијата што ќе биде известител за предметот. Постои рок од шест месеци за изјаснување по некој одреден предмет, но во практика имаме предмети за кои сме се изјасниле во многу покуси рокови. Така, на пример, за предметот што се однесуваше за примената на принципот за соодветна и правична застапеност при вработувањата, сме се изјасниле за само еден месец. Овој предмет со независните кандидати веќе е сработен, се знае суштината на одлуката и на судијата известител сигурно нема да му биде потребно многу време за да се произнесе за него – наведуваат нашите извори во Уставниот суд. (Б.Ѓ.)