Уставен суд оформи предмет за вториот протокол меѓу Македонија и Бугарија

88

Уставниот суд ќе ја оценува уставноста и законитоста на Вториот протокол потпишан меѓу Македонија и Бугарија, откако поранешната пратеничка и поранешна претседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска кон крајот на минатиот месец поднесе таква иницијатива до Судот. Од Уставен потсетуваат на наводите на подносителката на иницијативата, според која, со оспорениот Протокол е прекршен член 8 став 1 алинеја 1, 2 и 11 од Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.

-Според наведеното во иницијативата Протоколот е во спротивност со Уставот, бидејќи не е ратификуван во Собранието, не е објавен во дадениот уставен рок во „Службен весник на Република Северна Македонија”. Дополнително, се тврди дека е во спротивност со членовите 6-16, 19, 20 и 26 од Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори бидејќи не е почитувана процедурата за негово договарање, усвојување од страна на Владата и потпишување, стои во објавата на Уставен суд.

Оттаму додаваат и дека подносителката бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право (1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.

-Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија. Се тврди дека за разлика на процедурата спроведена во Република Северна Македонија која ја оценува како како нетранспарентна и со пропусти, бугарската собраниска Комисија за текстот на Протоколот дискутирала  уште на 23.06.2022 година, еден месец пред министрите за надворешни работи на двете земји да го потпишат Протоколот,  а потоа на седница на 24.06.2022 година го усвоила целиот пакет од Францускиот предлог за почеток на преговорите со Северна Македонија со имплицитно вградениот Протокол, соопшти Уставниот суд.

Оттаму информираа дека во текот на изминатиот месец оформиле 26 нови предмети.

-Оформени се десет предмети во кои се бара оценување на уставност на закони и подзаконски акти, дванаесет  предмети  се формирани по поднесување на иницијативи за оценување на уставност и законитост на прописи, формирани се четири предмети за заштита на слободите и правата на граѓани, велат од Уставен.

ИЗДВОЕНИ