Уставниот суд укина членови од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/20), а се однесуваат на условите за исклучување од парното греење во Скопје.
Укинат е член 54-а став 1, со кој е предвидена постапка во која сопственик на стан во станбен објект е задолжен да обезбеди писмена согласност од мнозинството во куќниот совет дека може да се откаже од услугите за снабдување со топлинска енергија доколку минималната измерена внатрешна температура биде помала од 20+1 степен Целзиус.
Исто така, укинати се и став 2 и став 4 од истиот член 54-а со кој се предвидува по добивањето на согласност од куќниот совет, на барателот му се наложува да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативниот систем на греење којшто ќе го користи по исклучувањето да обезбедува подобри енергетски перфоманси, односно да е поефикасен и еколошки поприфатлив и да го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен. Со точката 4 барателот се задолжува да му достави на снабдувачот проект за греење со барање за негово одобрување и реализирање.
– Законодавецот со ваквата законска формулација, утврдил дека Регулаторната комисија за енергетика може со подзаконскиот акт (правилата за снабдување), да пропише услови и постапка за исклучување на потрошувачи од системот за пренос и дистрибуција, но само во случај кога потрошувачот престанал да ги исполнува обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор, а не и во случај кога потрошувачот сам и доброволно, со барање ќе се обрати до снабдувачот и ќе побара исклучување од системот – се вели во образложението на Уставниот суд.
Понатаму, судот објаснува оти неспорен е фактот дека Регулаторната комисија за енергетика може да донесува посебни правила за снабдување во кои ќе пропишува услови и постапка за исклучување од системите за пренос и дистрибуција. Но, согласно член 30 став 2 точка 9 од Законот за енергетика, ваквите услови и постапката за исклучување, единствено и исклучиво се однесуваат само за корисниците кои престанале да ги исполнуваат обврските утврдени со закон, друг пропис и/или договор. Вака предвиденото исклучување на корисниците, би требало да претставува еден вид на санкција на тие корисници кои престанале да ги исполнуваат обврските, а не да се однесува и за исклучување на корисниците кои си ги исполнувале своите обврски и кои доброволно сакаат да се исклучат од системот – потенцираат од Уставниот суд.
Во појаснувањето се наведува дека Регулаторната комисија, при утврдување на наведените обврски го немала предвид фактот дека со истите се наметнува несразмерен и прекумерен товар врз корисниците на услугите, спротивно на меѓународните стандарди за човекови права и слободи.
– Согласно сето погоре наведено, од анализата на оспорените одредби и наведените законски одредби, Судот цени дека оспорените одредби од член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со топлинска енергија, се незаконити, а со тоа и спротивни на темелната вредност на уставниот поредок – начелото на владеење на правото од член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот, согласно кое во правниот поредок треба да егзистираат јасни и прецизни норми и истите да бидат правно усогласени со Уставот и со законите – велат од Уставниот суд.
Оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби до Уставниот суд поведе Вера Георгиева од Скопје.
(С.Бл.)