Од настаните во 2025 година, директорот на Центарот за култура во  Куманово, Сашо Тодоровски ги издвојува премиерите на шест театарски претстави, три на македонски и три на албански јазик, кои, освен во Центарот за култура, се играле и гостувале и во другите градови во Македонија и на значајни театарски фестивали, каде што за дел од нив се добиени и награди

 

Годинава што изминува беше целосно успешна од програмски аспект за Центарот за култура и за Театар Куманово.

– Годинава реализиравме преку 150 настани од културата, дел беа од годишната програма од Министерство за култура, а дел беа од другите корисници што имаа аплицирано за проекти, кои ги реализираа во Центарот за култура и во Театар Куманово, а тоа беа концерти, изложби, фолклорни активности и други настани. За успешноста на изминатава година зборуваат и посетеноста на нашите настани и нашата публика, а тоа, според податоците што ги имаме, се околу 14.500 посетители, наша публика што оваа година го посетила Центарот за култура за да види претстава, изложба, концерт, уметнички перформанс, промоција на книга, за што сме благодарни, бидејќи публиката е таа што со своето присуство ја создава убавата приказна за и во Центарот за култура – Куманово – вели директорот на оваа институција, Сашо Тодоровски.

Од настаните во 2025 година ги издвојува премиерите на шест театарски претстави, три на македонски и три на албански јазик, кои, освен во Центарот за култура, се играле и гостувале и во другите градови во Македонија и на значајни театарски фестивали, каде што за дел од нив се добиени и награди.

Тодоровски како особено успешен го истакнува Фестивалот на прозата 2025 година, одржан во мај, со еминентни гости од светот на литературата. Тој веќе се етаблира како значаен фестивал од областа на литературата, каде што се среќаваат и говорат луѓе од перото што имаат значење кај нас, но и гости од околните држави.

– Тука сум им благодарен на луѓето од Министерство за култура, кои го препознаа овој фестивал и го ставија високо на агендата во Министерство за да одобруваат финансии и се надевам дека така ќе биде и следнава 2026 година, а Центарот за култура, сигурен сум, како и изминативе години, успешно ќе го реализира. Исто така, задоволни сме и од реализацијата на МТФ „Денови на комедијата 2025“, кој оваа година го имаше своето дваесет и осмо успешно издание. Голем интерес кај публиката предизвикаа и традиционалната изложба „Самоуки“ и биеналната изложба „Скици“, на кои имавме голема посетеност, како и другите изложби што беа дел од годишната програма на Центарот за култура, а дел и како изложби што сами ги организиравме. Би ги споменал и куклената работилница која ја имавме со гостите од Софија, Бугарија, работилница на која ги објаснија и појаснија основите за правење и создавање куклена претстава за деца, и гостувањето на детската куклена претстава „Столарот и ѓаволот“ на Театарот од Винковци, Хрватска – истакна Тодоровски.

Во врска со реконструкцијата на Театар Куманово, посочува дека е прикрај јавната набавка.

– По завршувањето и запазувањето на сите потребни правни процедури, ќе се премине кон избор на економски оператор што ги исполнува условите за изградба на зграда на театар и би требало да се започне со реализација на завршната фаза на проектот, кон крајот на јануари, и да се заврши тој кон крајот на 2026 година,, бидејќи финансиските средства за довршување на зградата на Театар Куманово се обезбедени од Министерството за култура – објасни Тодоровски.

 

ИЗДВОЕНИ