Основниот кривичен суд Скопје, на Реџеп Нуредини, кој во јуни годинава во Чаир ја нападна градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, му изрече условна казна затвор од две години, која нема да се реализира ако не стори друго кривично дело во следните пет години. Адвокатот на Реџеп Нуредини, во изјава за медиумите, изјави дека обвинетиот со признанието на вина придонел за ефикасност на постапката и оти во случајот е определен и заштитен надзор, со пробациските мерки.
– Обвинетиот Реџеп Нуредини на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту, пак, најави имотно правно побарување. Тоа помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот. Во случајот постојат навистина олеснителни околности, не само извинувањето, каењето за стореното од страна на обвинетиот, туку и ветувањето дека ќе се чува од такви испади во иднина. Очигледен беше неговиот придонес за ефикасно завршување на оваа кривична постапка – изјави адвокатот Насер Рауфи.
На 11 јули годинава, Арсовска, како градоначалничка на Град Скопје, беше нападната при увид на дивоградба во Општина Чаир. Според обвинението, Реџеп Нуредини се товари за сторено кривично дело „насилство“ од член 386, став 1 од Кривичниот законик.
– На 11.07.2025 година околу 11:30 часот, на улица „Севастополска“ во Скопје, грубо ја навредувал и ја загрозил сигурноста на оштетената Данела Арсовска и со тоа во јавноста предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв – се вели во описот на обвинението.
Претходно, во друга постапка, обвинетиот Сулејман Љамалари доби две години затвор за грубо насилство врз градоначалничката кога на 11 јули беше физички нападната во Општина Чаир, додека вршела увид на терен, на локација каде што, како што изјави, се гради дивоградба спроти Полициската станица Чаир.






