Инспекциските контроли покажале дека „Титан – Усје“ ги почитува регулативите, додека главните извори на аерозагадување во Скопје се домаќинствата и сообраќајот. Директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска, рече дека Цементарницата редовно доставува извештаи, а државните инспекции продолжуваат со контроли на секои 15 дена. Таа посочи дека загадувањето останува предизвик за Скопје

Двата редовни и четирите вонредни надзори во цементарница „Титан – Усје“ од страна на државни и општински инспектори во текот на 2025 година, не покажале неправилности во однос на аерозагадување, истакна директорката на Државниот инспекторат за животна средина, Ивана Гиновска. Таа посочи дека последните вонредни надзори биле извршени на 18 ноември во 22 часот со инспектор за животна средина од Град Скопје и на 18 декември со инспектор за животна средина од Општина Кисела Вода.
Според неа, фабриката за цемент во Скопје ненајавено била контролирана и од инспектори од други градови и од Управата за животна средина, како и од лабораторијата за животна средина во рамки на Министерството за екологија. Таа потсети и дека „Титан – Усје“ редовно им доставува извештаи за емисиите во воздухот од посочени емисиони точки, а двапати годишно праќа и извештај од мерења што ги прави акредитирана лабораторија.
– Надзорите продолжуваат континуирано и на секои 15 дена. Државниот инспекторат доставува извештај до работната група која е формирана од ресорното Министерство и го следи спроведувањето на Акцискиот план – нагласи Гиновска.
Тоа што надзорите не покажале неправилности, Гиновска вели дека не значи дека цементарницата или, пак, другите 40 индустриските капацитети со А-интегрирана еколошка дозвола во Скопје, не загадуваат.
– Половина од индустриските капацитети не работат во зимскиот период, А-интегрирани дозволи имаат и асфалтните бази, кои поради временските услови не се во работа и не може да придонесат за емисии во воздухот за загадување во овој период од годината – нагласи Гиновска и дополни дека од „Усје“ ги известиле на 20 декември оти прават ремонт на печка 4 и работат со половина капацитет. Гиновска ги демантира тврдењата дека „Усје“ ги штелува бројките и податоците што ги објавуваат на нивната страна од 24-часовниот мониторинг со посебен уред од германска акредитирана лабораторија.
На новинарско прашање дали загадувањето на воздухот во Скопје доаѓа од индустријата, Гиновска рече дека индустријата секако загадува и оти сè што излегува во оџаците, е загадување. Повикувајќи се на експертска студија за аерозагадувањето на пет градови во Македонија вклучително и во Скопје, Гиновска посочи дека мерењата покажале оти најголемо влијание врз амбиентниот воздух во главниот град имаат домаќинствата, потоа се автомобилите и на трето место е индустријата.
– Не се амнестираме од тоа дека индустријата не загадува, сакаме да кажеме дека не е водилка во овој процес на аерозагадување кој е децениски – рече Гиновска.
Директорот на Управата за животна средина, Игор Никоски, истакна дека на Цементарницата, на 12.3.2020 година ѝ е издадена е А-интегрирана еколошка дозвола со важност седум години и најдоцна една година пред истекот на важноста, операторот е должен да поднесе барање за обновување на дозволата.
– Најдоцна до 12 март 2026 година, Цементарница треба да достави барање за обновување на А-интегрирана еколошка дозвола. Од крајот на 2018 година „Титан – Усје“ користи алтернативни горива како замена на фосилните горива, со стапка на замена од 15 отсто – рече Никоски.
А-интегрираната еколошка дозвола на Цементарницата не може да ѝ биде одземена, како што појасни Гиновска, затоа што не се регистрирани три последователни прекршувања утврдени од Државниот инспекторат за животна средина, а тие треба да бидат докажани.
Гиновска додаде и дека во моментов има околу 120 правни субјекти со активна А-интегрирани дозвола, согласно со Регистарот што го води Управата за животна средина, а на територија на Град Скопје се околу 40.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, прашана за иницијативата за дислокација на фабриката за цемент, „Усје“, рече дека она што ќе се усвои од Град Скопје е едно, а како Владата пристапува кон решавање на проблемите, како разговара и кои се институциите што треба да ги преземат соодветните мерки за да дојдеме до решение, е друго нешто.
– Ние рековме дека ќе ги разгледаме сите можност што стојат на располагање. Очекувам дека детално ќе бидеме посветени на ова прашање – рече Митева.
Во текот на 2025 година биле направени повеќе од 1.700 инспекциски надзори за амбиентен воздух и утврдени се 398 неправилности и издадени се исто толку решенија во инспекциската постапка. Поведени се преку 30 прекршочни и четири кривични постапки. Инаку, од 1 ноември досега биле спроведени преку 55 инспекциски надзори низ цела држава во инсталации каде што има влијание врз животната средина преку емисии во воздухот, при што биле издадени 20 решенија и три забрани за работа.
(С. Бл.)












