Украинецот Александар Усик, кој е апсолутен шампион во тешката категорија, се откажа од титулата на ВБО. Оваа одлука следуваше откако организацијата му наложи да направи задолжителна одбрана против Фабио Вордли, кој со тоа автоматски беше промовиран во нов светски шампион, пишува „Скај спортс“.
Непоразениот Британец Фабио Вордли стана задолжителен предизвикувач на Усик откако го победи Џозеф Паркер со импресивен прекин во 11. рунда во лондонската Арена О2 минатиот месец за да го освои привремениот ВБО-појас. Откако Украинецот ја отстапи титулата, Вордли беше промовиран во шампион, со што заврши владеење на Усик како апсолутен крал во тешката категорија.
Светската боксерска организација ја потврди веста во официјално соопштение: „Светската боксерска организација денес објави дека добила официјална комуникација од тимот на Александар Усик во врска со иднината на шампионатот во тешка категорија на ВБО. По внимателно разгледување, Усик одлучи да се откаже од титулата.“
„Ја прифаќаме и ја почитуваме неговата одлука да се откаже од титулата во тешка категорија на ВБО. Ова не е збогување, туку, како што изрази неговиот тим, раскинување со почит. Вратата на ВБО секогаш ќе остане отворена за Александар Усик и за неговиот тим“, се додава во соопштението.
Вордли со тоа им се придружи на голем број британски светски шампиони во тешка категорија, како што се Даниел Дубоа, Тајсон Фјури и Ентони Џошуа. Боксерот од Ипсвич претходно ја изрази својата голема желба да се бори против Усик: „Тоа е цел веќе неколку години“, изјави тој за „Скај спортс“.
Иако сега му е одземена можноста да се соочи со Усик во рингот за сите четири големи титули, Вордли стигна до статусот на шампион со импресивен професионален рекорд од 20 победи, од кои 19 со нокаут, со само едно реми против Фрејзер Кларк, кого подоцна убедливо го нокаутираше во првата рунда од реваншот.












