Уште шест лица во Појасот Газа починаа од глад и неухранетост во изминатите 24 часа, соопшти денес Министерството за здравство на палестинската енклава. Новите смртни случаи го зголемија бројот на жртви на 175, вклучувајќи 93 деца, додаде министерството. Египетската телевизија „Ал Кахира Њуз“ претходно објави дека два камиона со 107 тони гориво ќе влезат во Газа, пренесе „Хина“.
Министерството за здравство на Газа предупредува дека недостигот на гориво сериозно влијаел врз функционирањето на болниците, оставајќи ги лекарите да можат да ги лекуваат само критично болните и повредените. Сè уште не е потврдено дали најавените камиони влегле во Газа.
Доставките на гориво до енклавата се поретки од март, кога Израел го ограничи пристапот до стока и хуманитарна помош, велејќи дека врши притисок врз милитантите на Хамас да ги ослободат преостанатите израелски заложници што ги киднапираа на 7 октомври 2023 година.
Извори од „Хамас“ тврдат дека се украдени бројни камиони со помош
Израел го обвинува Хамас за страдањето во Газа, но по зголемениот притисок од меѓународната заедница, минатата недела објави чекори за испраќање помош до населението на енклавата, што вклучува прекин на борбите во делови од Појасот Газа, одобрување за испраќање помош од воздух и заштита на одредени правци за хуманитарни конвои.
Обединетите нации предупредуваат дека испраќањето помош од воздух не е доволно и дека Израел мора да дозволи многу поголем пристап по копно.
Канцеларијата за медиуми на владата во Газа денес објави дека од ублажувањето на ограничувањата во јули, речиси 1.600 камиони со помош влегле во енклавата. Сведоци и извори од „Хамас“ тврдат дека многу од нив биле украдени од вооружени банди и гладни жители.
Палестинските власти велат дека најмалку 40 лица се убиени во воздушните напади низ енклавата денес. Меѓу загинатите имало и луѓе што се обидувале да стигнат до центрите за дистрибуција на помош, соопштија здравствените службеници. Вработен во „Палестинската црвена полумесечина“, исто така, беше убиен. Хуманитарната организација соопшти дека првиот кат од нејзината зграда бил запален во воздушен напад врз нејзиното седиште во Кан Јунис.