Европската комисија објави дека надоместокот за овластување за патување во земјите од ЕУ преку системот ЕТИАС ќе изнесува 20 евра, наместо претходно најавените седум.
Ова зголемување на цената е оправдано со зголемувањето на оперативните трошоци на системот, инфлацијата и усогласувањето со практиката на другите земји кои применуваат слични режими на гранична контрола.
ЕТИАС (Европски систем за информации и овластување за патување) е електронски систем за патници од земји на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ. Меѓу нив се и државјани на Македонија. Кога ќе се воведе системот ЕТИАС ќе ги обврзе тие патници да пополнат онлајн формулар и да дадат основни лични информации пред да патуваат во земјите на ЕУ. Повеќето апликации ќе бидат обработени автоматски во рок од неколку минути. Одобрението, што значи и платената такса од 20 евра ќе важат три години, или додека не истече пасошот. Лицата под 18 години и над 70 години ќе бидат ослободени од плаќање на таксата.
ЕТИАС треба да стане оперативен на крајот на 2026 година, но за новата цена да стапи на сила, мора да биде одобрена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ. Претходно, земјите од ЕУ треба да воведат друг систем – ЕEС, преку кој ќе се исфрлат печатите во пасошите, а на патниците на граница ќе им се скенираат лицата и четири прста, што на почеток може да доведе до застои, но подоцна да го забрза протокот на патници на европските граници.
Системите ЕEС и ЕТИАС се најавувани, па одложувани неколкупати досега. Првично беше планирано да стапат на сила кон крајот на 2024 година со шестмесечен „грејс“ период, но спроведувањето беше одложено поради неподготвеност на земјите членки.