Владата во Пекинг по еден месец ја укина забраната за кинеските авиокомпании да преземаат авиони од американскиот производител Боинг, што е директна последица од договорот меѓу Кина и Соединетите Американски Држави за привремено намалување на тарифите за 90 дена, кој беше постигнат во Женева.
На почетокот на оваа недела, кинеските власти ги информираа тамошните авиокомпании и надлежните државни агенции дека можат самостојно да го организираат преземањето на авионите на Боинг, во согласност со нивните сопствени услови, објавува Блумберг.
Одлуката сигнализира ублажување на тензиите меѓу двете најголеми економии во светот и потенцијален пресврт за американската авиоиндустрија.
„Боинг“ планира да испорача околу 50 авиони на кинески клиенти оваа година, што би му донело директен прилив на средства и би му заштедило време и трошоци за барање алтернативни купувачи.
Неколку авиони на Боинг кои претходно беа одбиени од Кина веќе се вратени во САД, а Индија, Малезија и Саудиска Арабија покажаа интерес за пренасочените авиони.
Во 2018 година, речиси една четвртина од производството на авиони на „Боинг“ заврши на кинескиот пазар, но во последните години бројот на нарачки од Кина се намали, како поради трговски спорови, така и поради внатрешни проблеми на „Боинг“.