Спомен-куќата на писателот и автор на македонската химна, Владо Малески, која претставува заштитено културно наследство и која се наоѓа во старото градско јадро во Струга, е делумно урната при ископувањата што ги вршел приватен инвеститор во непосредна близина. Од Министерството за култура вчера посочија дека се запознати со случајот и дека стручните лица од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид извршиле увид на самото место и констатирале сериозни оштетувања, уривање на јужниот калкански ѕид и дел од покривната конструкција, настанати при ископ на соседен објект.
– Веднаш стапив во координација со надлежните институции за преземање на сите неопходни мерки. Наодите и предлозите се веќе доставени до Управата за заштита на културното наследство, а инспекциската служба ќе постапи согласно со своите надлежности. Нашата цел е јасна – целосна заштита и зачувување на културното наследство кое претставува непроценливо богатство за сите нас.
Министерството остро реагира на секој чин на неодговорност и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти. Ги повикувам сите инвеститори и граѓани да се при држуваат до законските процедури и условите за заштита, затоа што секој ваков споменик е дел од нашата историја, идентитет и гордост“, посочи министерот Зоран Љутков.
Директорот на националната установа Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, пак, информираше дека е направен увид и дека ќе се стопира работата на терен, при што ќе се направи процена на штета, по што ќе се преземат итни неопходни мерки за спречување на натамошно оштетување.
Од Друштвото на писателите на Македонија, чиј основач е и Владо Малески, пак, го контактирале Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид:
„Денес лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи што се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола. Од страна на Завод и музеј Охрид е изготвен Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата. Во меѓувреме, инвеститорот на градежните работи на соседниот објект ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата.“