Основното јавно обвинителство во Струга оформи предмет во врска со уривањето на спомен-куќата на писателот и автор на македонската химна Владо Малески, која се наоѓа во старото градско јадро. Настанот деновиве предизвика бурни реакции во јавноста, од причина што се работи за објект со статус на заштитено културно наследство, а со неговото уривање уште еднаш се постави прашањето колку се обрнува внимание на објектите кои се дел од македонската историја и култура.

Според официјалните информации лице од селото Велешта, кое изведувало градежни активности на индивидуален објект во непосредна близина, срушило дел од куќата на Малески, оштетувајќи го јужниот ѕид и дел од кровната конструкција.

-На 16 октомври, јавен обвинител извршил увид на лице место, заедно со вешто лице од областа на градежништвото. Наредено е вештачење, а се преземаат и други дејствија за целосно расветлување на случајот, велат од Основното јавно обвинителство во Струга.

Министерот за култура Зоран Љутков, пак, најави дека ќе се изработи проект за итна обнова и реставрација на спомен-куќата, со цел да се зачува автентичниот изглед и духот на спомен- домот на Владо Малески.

Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид претходно информираа дека лица од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола.

Од страна на НУ Завод и музеј Охрид е изготвен и Записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата.

ИЗДВОЕНИ