Ураганот Ерин се заканува да предизвика опасни океански струи и бранови

257
screenshot youtube video

Ураганот Ерин, првиот атлантски ураган оваа година, се заканува да предизвика опасни океански струи и бранови долж источниот брег на Соединетите Американски Држави, иако не се очекува директно да стигне до копно, соопштија метеоролозите, објави CBS News. Националниот центар за урагани предупреди дека условите би можеле да бидат „опасни по живот“, а евакуации беа издадени долж брегот на Северна Каролина поради можноста за поплави.

Ерин ослабе до бура од категорија 3 синоќа додека се движеше северно од Карибите.

Претходно достигна категорија пет во саботата, а потоа ослабе, но сепак е моќна бура со ветрови што достигнуваат 200 километри на час.

Во времето кога беше издадено последното предупредување, центарот на бурата беше околу 1.075 километри југозападно од Бермудите и 1.225 километри југоисточно од Кејп Хатерас, Северна Каролина, движејќи се северозападно со 13 километри на час. Метеоролозите прогнозираат дека Ерин ќе остане силна бура во следните неколку дена, но не се очекува значително засилување. Сепак, се очекуваат многу опасни бранови и океански струи, што може да предизвика поплави во крајбрежните области, пренесува Танјуг.

Моделите покажуваат дека ураганот ќе предизвика опасни океански услови, вклучувајќи бранови повисоки од шест метри.

ИЗДВОЕНИ