Управниот суд ја враќа уставната судијка Дуковска во Апелација, за Уставниот суд се случува преседан

11

Елизабета Дуковска веќе нема право да биде уставна судијка и ќе треба да се врати на претходното работно место во скопскиот Апелациски суд. Ова произлегува од денеска објавената пресуда на Управниот суд со која е поништена одлуката за избор на уставен судија Елизабета Дуковска, донесена од Собранието на РС Македонија на 10 април 2023 година.

-Управниот суд, со оглед на зголемениот јавен интерес за предметот У-5.бр.380/2025, ја известува јавноста дека Судот донесе Пресуда У-5.бр.380/2025 од 15.5.2025 година, со која ја уважи тужбата на тужителот Антоанета Димовска од Скопје, а Одлуката за избор на судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија бр.08-2239/1 од 10.4.2023 година на Собрание на Република Северна Македонија, ја поништи, стои во соопштението од Управен.

Во образложението се наведува дека неправилно била спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет. Според пресудата, во конкретниот случај, Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.

-Судот наоѓа дека со ваквиот начин на гласање на членовите на Советот, односно со негласање по останатите два предлози, оневозможена е еднаква примена на правилата на постапката за сите кандидати, со оглед дека само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, а на другите два кандидати им е ускратена можноста да имаат ист третман и еднакви можности при изборот, иако претходно сите три кандидати биле подржани од членовите на Советот. Со тоа е повредено не само начело на еднаквост туку и начело на мерит-системот – наведува, покрај другото, Управниот суд.

Уставната судијка Дуковска беше судија-известител за предметот со Законот за јазиците чија подготвителна седница беше закажана за 19 јуни.

По ова, со реакција денеска попладне се јави и Уставниот суд. Во соопштението се наведува дека е примен дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.5.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија.

-Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан, кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето  на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности – се наведува во соопштението.

На денешниот работен состанок Судот одлучи да се одложи подготвителната седница по предметот за Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година.

-Ова од причина што судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со пресудата на Управниот суд е судија-известител на конкретниот предмет, а дополнително Судот има донесено Заклучок според кој постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав на Судот. Во врска со правните импликации по Пресудата на Управниот суд, укажуваме дека согласно со член 112 став 2, од Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, Уставниот суд нема по службена должност да ги преиспитува одлуките во чие носење учествувал судијата на кој се однесува поништената одлука за избор со Пресудата на Управниот суд – потенцираат уставните судии.

ИЗДВОЕНИ