Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) се согласи да се зголемат платите на 7.700 административци по формулата на премиерот Христијан Мицкоски. Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, рече дека Владата го прифатила барањето на Синдикатот на УПОЗ, но не во целост. Но, она што е важно – Владата прифатила да се исплаќаат додатоци на плата во висина од 30 отсто. Од Синдикатот на УПОЗ бараа и почитување на Општиот колективен договор, а од Владата порачуваат дека е истечен тој договор и оти треба да се договорат за нов. Според предлогот на Владата, освен усогласувањето на платата со растот на минималната, административците ќе добијат дополнителни 8 отсто годишно.
Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, рече дека барањето на Синдикатот не било прифатено во целост, но Владата прифатила додатоците на плата да им бидат исплаќани на вработените во администрацијата и во правосудството.
– Зголемувањето на платите ќе биде на неколку години, значи на три рати по 8 проценти, за жал, не по 10 проценти како што баравме. Пак ќе повторам, ова зголемување не го добивме минатата година, меѓутоа, еве, сега Владата прифаќа да го исплаќа со почетокот на март, на тој начин што сите институции во државната управа и правосудството ќе треба да потпишат поединечни и колективни договори за да го добијат ова право – рече Деаноски.
Но, за да се случи ова, сите органи и тела во рамките на Синдикатот на УПОЗ треба да дадат зелено светло откако ќе се изготви текстот на колективните договори. Доколку биде прифатено, ќе се пристапи кон потпишување на новите колективни договори, но ако не биде прифатено, повторно ќе се вратат на почеток.
– Она што треба да се доработи е да се подготви текстот на овие колективни договори заедно со Владата, односно претставниците на Владата и на Синдикатот, и тоа да биде ставено на гласање кај нас, во Синдикатот. Доколку го прифатат колегите, нема никаква пречка за потпишување на тие поединечни колективни договори, доколку не го прифатат, Владата ќе добие одговор од нас дека веќе се загуби една година и вработените, можеби, ќе бараат повеќе од овој износ што е понуден сега и да видиме дали ќе има условување од Владата за откажување од нешто друго – додаде Деаноски.
Предложената формула на премиерот Христијан Мицкоски е дизајнирана да обезбеди кумулативен раст на платите во јавната администрација од околу 40 отсто, во период од три до четири години. Овој пристап има цел да воспостави предвидливост во буџетското планирање и да ги елиминира разликите во исплатата кај различни органи. Клучните параметри на овој модел вклучуваат годишно додавање фиксен износ од 1.500 денари на основната плата во текот на три последователни години и пресметување на дополнително зголемување од 8 отсто на вкупниот збир секоја година.
Кога целосно ќе биде имплементиран овој модел, од Владата велат дека до март 2028 година, платата што денеска е 35.000 денари би достигнала ниво од околу 50.000 денари.
Во меѓувреме, и покрај протестот на ССМ, вработените во приватниот сектор извисија и за нив сè уште не се подготвува законско решение со кое би се зголемила минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 6.000 денари.
Оттаму велат дека продолжуваат со најавените блокади, со цел да се парализира нормалното функционирање на државниот апарат и да се принудат функционерите на директно соочување со работничките барања.
На 10 февруари ќе биде блокирано Собранието, со цел на пратениците да им се оневозможи пристап со возилата и наплата на патните трошоци. На 12 февруари, блокадите ќе се преселат пред Стопанската комора, Сојузот на стопански комори и Организацијата на работодавачи. За 17 февруари е планирана опсада на Владата, при што министрите и премиерот Христијан Мицкоски ќе бидат принудени пеш да минат покрај незадоволните работници.
(А. С.)












