Универзална се очекува да се отвори пред Скопје да стане Европска престолнина на културата; Министерот Љутков најави интензивирање на активностите

911

Реконструкцијата на Универзалната сала ќе започне на крајот на септември, а нејзино пуштање во употреба се очекува за 2027 – пред манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028“, кажа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на денешниот брифинг со новинарите.

– Пред околу две недели поднесов информација на седница на Влада дека сме ги завршиле сите процеси што сме ги имале претходно околу Универзалната сала и до крајот на оваа недела ќе биде распишана јавна набавка (тендер) по што ќе се започне со нејзина изградба. Во динамиката што ја имаме определено во делот на буџетот –  нејзината реконструкција треба да заврши до 2027 година, рече Љутков.

Додаде дека тендерската постапка ќе трае некаде околу 60-ина дена.

– Тоа значи дека од распишување на тендерот за изведба (1 август) до крајот на септември ќе можеме да ги отвориме понудите и да почнеме со процесот на реконструкција, истакна Љутков.

Како што посочи министерот, планот е да се обезбедат 15 милиони денари во 2025 година, 360 милиони денари во 2026 година, 450 милиони денари во 2027 година кога треба да се заврши Универзална и да се пушти до крајот на таа – 2027. Ѝ остануваат 395 милиони денари да им се доисплатат на изведувачите во 2028 година.

– Динамиката за реконструкцијата на Универзална е помината на Владина седница на 15 јули 2025. А ова е затоа што сакаме вратите на Универзалната сала да бидат отворени во 2028 година за Скопје – Европска престолнина на културата, додаде тој.

Истакна дека претходно бил завршен и тендерот за проектирањето каде се додадени сите забелешки (од ИЗИС и од пожарот), плус се вклучени и ентериерното и партерното уредување – за да може Универзалната сала од изведувачот да се добие по принципот – клуч на рака.

Објасни и дека случајот со Универзална му бил презентиран уште првиот ден кога дошол на министерската функција.

– Навистина бев во шок. И изјавив дека еден мој потпис ќе ме вовлече во лавиринт во кој ќе одговарам кривично како министер, но и никогаш Универзалната сала нема да биде завршена. Иако бев нападнат дека го стопирам процесот, за мене беше многу важно процесот на реконструкција да трае можеби подолго, но да има правна разврска. И втора работа – во проектот беа врзани и Министерството за култура, и Град Скопје, и Општина Центар и сите беа влезени во еден јазол во кој не се знаеше кој какви ингеренции има врз Универзалната сала. Ако тргнете како Министерството за култура нешто да правите – Градот Скопје ќе ве блокира, ако не Градот Скопје – може Министерството да блокира… итн.

Посочи дека тоа што побарал од Владата за сè да биде транспарентно, било за да се обезбедат адвокатски услуги во делот на имотно-правните односи што помогнале во процесот.

– Второ беше одново да направиме испитување на целата конструкција на Универзална, иако тоа испитување претходно беше порачано од самиот изведувач. Но ние не можеме да потврдиме нешто што го порачал претходно изведувачот, моравме ние како Министерство да го потврдиме тоа што ние сме го нарачале за да можеме да стоиме зад тоа, истакна Љутков.

Беше речено и дека меѓу двете испитувања е поминато една година, а Универзалната сала во меѓувреме беше опожарена, но и оставена на надворешни влијанија.

– Го направивме испитувањето, има дополнителни забелешки, се видоа и штетите направени од пожарот. Тогаш направивме и нова јавна набавка за нов проект во кој ќе бидат вклучени сите овие забелешки, и испитувањата од ИЗИС и пресекот од пожарот бидејќи тоа беа забелешките. Побаравме проект што ќе биде клуч на рака затоа што претходно не беа вклучени ниту ентериерот ниту партерното уредување на Универзална. Сега направивме сè во едно. Се поништи претходното решение каде беа вклучени и Градот Скопје и Министерството за култура. Сега единствен инвеститор на проектот за реконструкцијата е Министерството за култура и туризам и веќе немаме правни пречки. А тоа е нешто што го бараше и Град Скопје. Тендерот со претходниот изведувач е раскинат спогодбено и исплатен за сработеното дотогаш, објасни министерот.

Универзалната сала како објект е во надлежност на Град Скопје. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ