Според новото визуелно решение, она што е особено значајно е дека ќе се задржи постојната форма на објектот заради почитување на колективната меморија која скопјани и македонската јавност ја имаат за Универзалната сала како симбол на меѓународната солидарност за Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. На внатрешните ѕидови во фоајето ќе може да се прикаже и историјата на Универзалната сала, односно настаните кои се случувале и оставиле значајна трага во културната меморија (Скопскиот фестивал, Златно славејче, Џез фестивалот…) за да можат и младите да се запознаат со нејзиното минато и да дознаат зошто таа е симбол на градот

Универзална сала ќе биде модерен и функционален објект кој ќе го врати значењето на оваа култна локација и ќе ѝ даде нова енергија на културната сцена во Скопје. Ова беше речено денеска при презентацијата на новото визуелното решение за Универзалната сала од страна на проектантот Бујар Муча и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Она што е особено значајно е дека ќе се задржи постојната форма на објектот заради почитување на колективната меморија која скопјани и македонската јавност ја имаат за Универзалната сала како симбол на меѓународната солидарност за Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Според проектот, Универзалната сала ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио, видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение.

Проектот, кој беше преземен од Град Скопје, е задржан во делот на идејното архитектонско решение, а изработката е дело на проектантот Бујар Муча. Во конструктивниот дел на објектот биле направени измени врз основа на насоките од испитувањата што Министерството за култура и туризам ги побарало како неопходност заради настанатиот пожарот што се случи минатата година.

Притоа, според проектот, како што беше презентирано, во внатрешниот дел е направено проширување на ходниците и на фоајеата со обезбеден простор за седење, тоалетите и гардеробите се поместени, гримиорните се проширени за поголеми ансамбли, а обезбедени се и канцеларии за вработените (50 луѓе) на Универзалната сала. Поради новите регулативи за движење и евакуација, за разлика од претходно наместо 1.500 сега се предвидени 1.200 седишта. Со интервенции во самата купола, во соработка и со консултација со експерти од странство, проектирана е соодветна акустика за концертните настапи во Универзалната сала. Поставеноста на публиката и сцената и иста како и порано. Но најден е начин да се ослободи партерот, со што сцената ќе има многукратна употреба, односно освен во оригиналниот облик, ќе може да се употреби заедно со просцениумот, потоа само како сцена на партерот или, пак, целосно (и партерот и оригиналната сцена заедно). На сцената не ќе можат да се играат големи театарски спектакли, туку претстави кои сценски ќе можат да се трансформираат, односно кои сценографски и кореографски нема да бараат многу труд. Исто така, ќе можат да се закажуваат и премиери на домашни и странски филмски остварувања бидејќи во салата ќе можат да се проектираат и филмови. На внатрешните ѕидови во фоајето ќе може да се прикаже и историјата на Универзалната сала, односно настаните кои се случувале и оставиле значајна трага во културната меморија (Скопскиот фестивал, Златно славејче, Џез фестивалот…) за да можат и младите да се запознаат со нејзиното минато и да дознаат зошто таа е симбол на градот.

Во надворешниот дел е задржан поголем дел од зелената површина за да можат децата од населбата да продолжат да си играат околу Универзалната сала, во деловите кои и претходно го користеа за игра. Објектот е целосно наменет и за лица со посебни потреби.

„Ова не е само објект – ова е инвестиција во културата, идентитетот и во иднината на Скопје. Универзалната сала ќе стане модерен симбол на културна размена, креативност и заедништво, достапна за сите граѓани. Со нејзината изградба, создадовме предуслови Скопје да го зачува духот на својата културна традиција, но и да ја зајакне својата улога како европска престолнина на културата во 2028 година“, изјави министерот за култура, Љутков, по презентацијата.

Како што додаде, очекувањата се во наредниов период да завршат постапките за избор на изведувач и надзор, по што, на почетокот на октомври би започнала изградбата на Универзалната сала по системот „клуч на рака“. Планирано е изградбата да заврши до крајот на 2027, а од 2028 година Универзалната сала да биде подготвена за програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“. Инвестицијата е проценета на 20 милиони евра.

За проектантот Бујар Муча, пак, нема поголема среќа кога на архитект му се реализира делото, особено дело од ваков обем.

–Стојам на тоа дека проектот е одлично изработен и ние како архитекти будно ќе следиме како се изведува, рече Муча додавајќи дека архитектонско биро „Мегарон“ веќе има искуство во проектирањето на слични објекти како Албанскиот театар и Тетовскиот театар.

– Очекувам во најскоро време навистина да ја видиме реализацијата на Универзалната сала и таа повторно да почне да живее како што живееше порано со врвни фестивали, со врвни уметнички остварувања од земјава и од странство, додаде тој.

Истакна дека во однос на претходниот проект, овој има измени најмногу во однос на новитетите во сценската техника, потоа во конструкцијата заради пожарот и во однос на амбиенталната акустика при што објектот со звукот/бучавата нема да им пречи на станбените згради кои во меѓувреме се изградија во неговата непосредна околина.

Универзалната сала по изградбата ќе се врати во владение на Градот Скопје. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ