Уништените туристички мапи, лош впечаток за странците и доказ за нашата (не)култура

Информативните табли со исчкртани и искинати туристички мапи, кои треба да им служат на странците каде се наоѓаат културно-историските споменици што треба да ги посетат, се доказ за нашата (не)култура и оставаат лош впечаток за државата. Туристичките експерти предлагаат поставување нови дигитални табли како што има на автобуските постојки во другите регионални и светски метрополи за да може туристите подобро да се информираат. Тие сметаат дека треба да се искористи бранот на зголемен број туристи за градење туристичка инфраструктура со туристички информативни центри, дигитализација, промотивни активности на локално ниво...

808

Земјава станува сè поинтересна за странските туристи. Летово во градот може да се забележат групи туристи од Кина, Германија, Велика Британија… но и туристи што не се во група, кои нема каде да се информираат, бидејќи таблите со туристички мапи се уништени. Туристичките работници велат дека и покрај тоа што странците се информираат преку Интернет што да посетат, исчкратаните и искинати мапи оставаат лош впечаток за нашата држава и за културата на луѓето што живеат во неа. Тие предлагаат поставување нови дигитални табли како што има на автобуските постојки во другите регионални и светски метрополи за да може туристите подобро да се информираат.

– Точно, странските туристи што доаѓаат во градот индивидуално и без туристички водичи, немаат каде да се информираат, бидејќи туристичките мапи се уништени и потребно е да се сменат. И покрај тоа што странските туристи што доаѓаат во државата се информираат преку „Чет-ГПT“ и „Гугл мапс“ што да посетат и преку обични мапи каде се наоѓаат местата што сакаат да ги посетат, сепак, како и секоја метропола така и градот Скопје треба да има информативни туристички мапи што се во функција. Уништените туристички мапи треба да се обноват и да се стават дигитални табли како на автобуските постојки – изјави за весникот ВЕЧЕР Аркан Керим, претседател на Туристичката комора.

Според него, исчкратаните и искинати мапи и ѓубрето во Вардар и покрај улиците оставаат лош впечаток за странските туристи што доаѓаат во нашата држава. Порано постоеше Туристичко-информативно биро на Град Скопје, кое се наоѓаше пред влезот на Старата скопска чаршија, каде што сите посетители добиваа мапи и информативни материјали што да посетат во градот. Исто така, имаше многу сувернирници, кои беа под Град Скопје, а сега има само неколку, кои се во приватна сопственост.

– Ако си турист во Скопје и не си во организирана група, многу потешко ќе ги добиеш потребните информации како да дојдеш до туристичките локации и знаменитости. Недостигот на информации за туристите преку градски туристички мапи, туристички бодибилдинг од различна тематика за градот и за државата, кои ќе ги добиете бесплатно во хотелите, дигиталните информативни табли низ туристичките места јасно укажуваат на потребата од нов почеток на локалните власти и друг сериозен пристап кон туризмот. Ваквата состојба без вистински и веродостојни информации отвора можност да слушаме сè и сешто од странските водичи, односно да ја презентираат историјата на Македонија како што сакаат – вели туристичкиот експерт и универзитетски професор Љупчо Јаневски.

Тој смета дека треба да се искористи бранот на зголемен број туристи за градење туристичка инфраструктура со туристички информативни центри, дигитализација, промотивни активности на локално ниво…

– Потребни се нови законски решенија во туристичката индустрија, кои ќе предизвикаат нови структурни промени и градење туристичка индустрија што ќе ги следи практиките на сите регионални и светски туристички центри – додава Јаневски.

Ако сакаме да ги задржиме постојните и да го зголемиме бројот на странски туристи, мора да обрнеме внимание и на овие работи, а не само да се даваат субвенции за нови авиолинии. Сега имаме туристи, но нема каде да се информираат.

Најновите податоци на Министерството за култура и туризам за движењето на странските туристи во Македонија во првите пет месеци од 2025 година во однос на тој период во 2024 година покажува пораст од 23,6 отсто кај странските туристи и раст од 18,7 отсто кај остварените ноќевања. Во првите пет месеци од 2025 година, туристичкиот промет во Македонија забележал значително зголемување во однос на тој период во 2024 година. Особено се издвојува Германија со раст од 219 отсто во бројот на туристи и 146 отсто во ноќевањата, што укажува на видно зголемен интерес на германските туристи за посета на нашата земја. Франција бележи највисок пораст со 398 отсто повеќе туристи и 303 отсто повеќе ноќевања, со што се позиционира како нова стратешка цел во туристичките политики. Велика Британија забележува значително зголемување од 204 отсто во бројот на туристи и 139 отсто во ноќевањата. Турција, која беше водечки пазар во 2024 година, продолжува со стабилниот раст од 11 отсто во бројот на туристи и 21 отсто во ноќевањата, задржувајќи ја својата прва позиција според вкупниот број туристи и ноќевања. Овие резултати ги потврдуваат позитивната динамика и зголемениот интерес за Македонија како атрактивна туристичка дестинација на европската мапа.

– Македонија бележи растечки интерес кај странските посетители за културен туризам во месеците надвор од традиционалната сезона, што значително придонесува за анулирање на сезонскиот туризам, зголемување на вкупните туристички приходи и за засилување на локалната економија. Овој тренд е од исклучително значење, затоа што создава континуирана туристичка активност во целата година, ги ангажира локалните заедници, занаетчии, водичи и угостители и овозможува рамномерен економски развој и надвор од туристичките центри – стои во анализата на Министерството.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ