Уништени вежбалницата и игралиштето во Паркот на франкофонијата

23

Вчеравечер била уништена опремата во новата, сѐ уште незавршена фитнес-зона во Паркот на франкофонијата. Исто така, била причинета штета и на фудбалското игралиште што се наоѓа во рамките на овој парк.

– Просторот за рекреација, изграден по барање на жителите, преку средбите во заедницата, е оштетен. Иако сѐ уште не е завршена, вежбалницата веќе е цел на вандализам. Непознати сторители, во текот на ноќта, се обиделе да запалат дел од реквизитите, а вреќата за бокс е исечена со остар предмет и е целосно уништена – известија од Општина Центар.

Градоначалникот Горан Герасимовски, во врска со инцидентот, изјави дека ова не е прв случај на вандализам и оти наместо простор за рекреација, некој избрал деструкција.

Тој апелираше до сите граѓани да ги чуваат јавниот простор и заедничките содржини создадени за спорт, рекреација и за дружење.

Од Општина Центар известија дека бил пријавен случајот во Министерството за внатрешни работи.

Новата фитнес-зона се состои од 17 справи, а во наредните денови треба да биде поставена специјална тревна подлога за поголема сигурност при користење.

 

ИЗДВОЕНИ